Боја за правда, Порта Македонија без платна

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Со кукли со ликовите на функционери од ВМРО-ДПМНЕ во затвореничка облека демонстрантите вечерва стигнаа пред Собранието. По пат ги тргнаа платната од Порта Македонија и го бојадисаа Министерството за правда.

„Нема да ви помине“ беше транспарентот зад кој и попладнево чекореа демонстрантите од таканаречената Шарена револуција. На чело на колоната овој пат имаа и кукли со ликовите на некои функционери од ВМРО-ДПМНЕ облечени во затвореничка облека.

Со извиците „боја боја “ и „нема правда, нема мир“ повторно го обоија и Министерство за правда.

Потоа демонстрантите кои излегоа на улиците и покрај дождот ги симнаа платната од Порта Македонија кои претходно во текот на денот ги постави управата на објектот, а Портата беше повторно обоена.

Поради дождот пишувањето на улиците вечерва им одеше потешко па написот „Да живее слободата“ напишан на улицата пред Собранието набрзо се разлеа.

Денеска протестот заврши пред Собрание на Република Македонија без вообичаените говори, а се пуштаа некои од таканеречените опозициски бомби.

Движењето „Протестирам“, кое ги организира протестите речиси секој ден во 18 часот пред просториите на Специјалното јавно обвинителство повеќе од еден месец, денеска јавно преку отворено писмо му се обрати на претседателот Ѓорге Иванов повторно барајќи целосно да ја повлече аболицијата.

„Ние, граѓанките и граѓаните кои веќе не простуваат, не преговараат и не попуштаат не дозволуваме помилување на оние кои ги загорчиле нашите животи! „ наведоа од Протестирам.