Поповски - Нефункционални институции за удар врз економијата

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Гледајте кои луѓе ги водат ресорите, помилувани луѓе, луѓе тотално дискредитирани поради тоа што го правеле во својот мандат, луѓе кои никој не ги познава. Сето тоа го поткопува идниот економски раст, вели поранешниот министер за финансии Никола Поповски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Поповски, како влијае политичката криза врз економијата во Македонија?

Политиката секогаш влијае врз економијата. Во моментот кога политиката доживува колапс, општата политичка состојба како сега во Македонија, криза, недоверба, немање институции, надолни движење, тогаш логично дека тоа се прелева, не само во економијата, но можеби најмногу во економијата. Прво, внатрешниот пазар е дестабилизиран, штедењето е дестабилизирано, луѓето се плашат да штедат, инвеститорите уште помалку се спремни штедењето на граѓаните кое постои, преку банкарскиот систем, да го претворат во свои инвестиции. Ќе застане или ќе се намали штедењето, ќе се намалат инвестициите, што значи дека ќе почне да омалаксува економската динамика која и онака е ниска, 2-3 отсто за Македонија не е ништо, странските инвеститори ќе бидат уште попретпазливи, особено овие што се гринфилд странски инвестиции, портфолио инвестиции. Дури и финансиските пазари кон Македонија ќе бидат многу попретпазливи, дали да ѝ се позајмува на Македонија, во институционалните инвеститори, Светска банка, ММФ, Европска банка итн. Видете, во последните три-четири месеци на мала врата ни поминаа неколку странски инвестиции, не во Македонија, туку македонски инвестиции во странство. Ние веќе имаме одлив, во здравството имаме одлив од 100 до 150 милиони долари во Бугарија, тоа е знак дека некој својот бизнис го гледа во странство, тоа е голем одлив на девизи од Македонија, уште неколку ќе слушнете во медиумите дека некој сака да отвори фабрика во Бугарија, Србија, во Косово, што е тоа? Тоа е еден од сериозните знаци, ако домашниот пазар не ви е добар, бегате со капиталот во странство. Е сега замислете странци со свој капитал во Македонија, што значи дека економијата многу ќе трпи од политиката. Институциите не функционираат, регулацијата на макроекономијата во сите држави од светот е институционална, институциите што ја регулираат стануваат нестабилни, гледајте кои луѓе ги водат ресорите, помилувани луѓе, луѓе тотално дискредитирани поради тоа што го правеле во својот мандат, луѓе кои никој не ги познава, ДУИ внесе пет-шест министри, релативно млади луѓе без никаков бекграунд, Народната банка почна да се дискредитира како институција, гувернерот веќе ја нема позицијата на општо прифатен, како што беше на почетокот, гледам веќе и во стручните кругови има дебати дали добро ја води, значи дискредитирани институции. Значи, тоа сè го поткопува идниот економски раст.

Приватниот сектор веќе подолго време се бори со намален обрт на пари и помалку работа. Како влијае оваа криза врз џебот на граѓаните?

Ликвидноста во приватниот сектор е намалена поради кризата, тоа го потврди и Народната банка и банкарскиот сектор. Второ, на таа намалена ликвидност во приватниот сектор кумува сè уште многу државата, затоа што огромни суми за да ги финансира дефицитите во јавниот сектор ги истиснува од банките, го истиснува приватниот сектор и ги насочува во јавниот сектор, а таму се претвора во горе-долу непродуктивни намени. Понатаму, граѓаните се претпазливи, тие се плашат за својата краткорочна иднина и сега ја стеснуваат својата потрошувачка, за евентуално во иднина ако се јави некој проблем да може да имаат елементарна потрошувачка. Сето тоа доведува до една таква состојба. Од друга страна, ако производителите се недоверливи и ако не одат нагоре со нови инвестиции, со нови вработувања, не може да ја зголемат потрошувачката и да сакаат, значи евентуално од увоз, но увозот треба да го финансирате со извоз или со кредити, а за двете веќе сме проблематични. Што значи дека таа потрошувачка, не треба да очекуваме дека нешто брзо ќе се постигне.

Целото интервју со поранешниот министер за финансии Никола Поповски може да го погледтене во видеото на почетокот на овој текст.