Канал 103 – 25 години бунтовност и инаквост

Со голем музички фестивал на кој ќе учествуваат субверзивните Psychic TV, словенците АИКУЛА и десеттина македонските бендови кои израснаа на крилјата на бунтовната енергија, како и со постановката на академскиот сликар Атанас Ботев со која тој, патем, ја истражува историјата на домашниот рокенрол, оваа сабота, на 14 мај, во Младинскиот културен центар, ќе биде одбележана 25-годишнината од постоењето на Канал 103, „искрата светлина од темните лавиринти на МРТВ“ и радиото кое израсна во симбол на бунтот и слободарската мисла на повеќе генерации.

Поминаа 25 години од моментот кога на 103-мегахерц во етерот над Скопје се разлеа Боувиевата „Space Oddity“. Кога од малечкото студио на државната (ако милувате - тогаш „комуњарска“) МРТВ започна да се излева една поинаква младешка енергија. Неусловена со ништо. Кога слободното поимање и критичката мисла врз општествената реалност станаа практика. Кога искрата стана пламен. И не многу потоа менувајќи ја свеста со одбирот на музика, џинглови, радио драми, концерти, Канал 103 стана единствен феномен. И не само во регионот, туку и во европски, светски рамки. Радио чија бунтовност доведе до тоа мнозина да заковаат шајки на дадената фреквенција и да ја пригрлат привилегијата да бидат инакви, посебни, свои – самомислечки.

Она што ни се случува во последно време, поврзувањето со други реалности ширум светот, не прави да се чувствуваме како негов интегрален дел. Како дел од една поголема приказна.
Ѓорѓи Јаневски, соработник во Канал 103

Од тогаш до денес, многу навидум „чудни“ музики се извртеа на Канал 103. Се случуваа подеми и падови, притисоци, некои заминуваа, потем се враќаа, доаѓаа други – нови. Со храбри идеи. Вешти или помалку вешти во водителството, но моќни во мислата. Се негуваше културата на дијалог. Инаквоста.

Пред десетина години ги снема хонорарите, но остана ентузијазмот. Ист или посилен – зависно од индивидуалните пориви. Се редеа емисии, интервјуа, топ листи, изданија, концерти, фестивали... И колку мракобесието побрзо и посилно ги голташе лавиринтите на Јавниот сервис, толку инаетот стануваше поголем.

Конечно наспроти историчноста, „култноста“ - денес Канал 103 несомнено е симбол на независната и слободна мисла и клучен промотор на се што може да се подведе под прогресива. Под авангарда. На независната (суб)културна сцена воопшто. На бунтот во оваа наша сива општествена реалност и украдена иднина.

И, во таквото време-невреме, по низата воведни настани и специјални програмски целини, филмови, по интернационалниот 103 Калифат, оваа сабота ќе се случи и главниот настан – Фестивалот. А, на него, во редот по ЈАНГ ГАДС, АВАТОН, ЛАЈБАХ, доаѓаат американците Psychic TV. Формирани во 1982 година, на трагите од култниот индастриал бенд ТРОБИНГ ГРИСТЛ, а како продолжение на музичката фантазмагорија на неповторливиот/неповторливата Џенезис Пи Ориџ, според мнозина можеби „најмаркантната фигура на андерграунд сцената од залезот на 20 и почетокот на овој век, културен инженер и арт провокатор кој ги помести границите на современите музички сфаќања и пракси до точка во која музиката, експериментот, авангардниот арт и древните ритуали креираат крајно возбудлив паралелен уметнички универзум“.

Psychic TV во изминативе 34 години, колку што опстојуваат на светската сцена, објавија приближно исто толку музички изданија „во кои фасцинира постојаната трансформација и жанровската разновидност во иновативни преплети од рок-психоделија, поп-деконструкција, индастриал атмосфери, модерни денс битови и експериментални звучни пејсажи. Конечно нивниот актуелен албум „Snakes“,од 2014 година, се најде во потесниот избор за албум на годината на голем број релевантни музички медиуми, вклучувајќи го и оној на Канал 103.

Говорејќи за нивниот настап, Ѓорѓи Јаневски, соработник во Радиото и автор на исклучителниот серијал „Ако никој не свири“, ќе забележи дека станува збор за „многу повеќе од уште еден музички концерт“. Дека ова е „многу јасен општествено-политички коментар на нашата грда стварност, крајно неопходна и во лице изразена „културно-уметничка“ субверзивна порака и гест на надеж и можен патоказ за сите отворени и слободни умови чие време доаѓа. Тоа, впрочем, е и обврска на Канал 103 која веќе четврт век претставува симбол на независната и слободна мисла и клучен промотор на прогресивна музика, авангардната уметност и култура воопшто“.

Во контекст, на ваквата заложба, Јаневски ќе рече дека во Радиото се појавуваат млади генерации, деца на некогашни нивни колеги или, пак, слушатели, кои едноставно самите ќе го донесат духот на нивното време. И, дека тоа е некаков природен процес во кој се испреплетуваат искуството на постарите со енергијата на оние кои доаѓаат и го третираат медиумот на нивни уникатен начин.

„Мислам дека Канал 103 ќе си остане на браникот на некаква јавна вредност. На некаков јавен интерес. Посебно во нашиов локален контекст. А, она што ни се случува во последно време, поврзувањето со други реалности ширум светот, не прави да се чувствуваме како негов интегрален дел. Како дел од една поголема приказна. Така што, локалниот контекст, одговорот на него, третирањето на истиот е една димензија, а поврзувањето со светот сосема друга“, вели тој.

Инаку, покрај Psychic TV и нивните словенечки сопатници АИКУЛА, на двете сцени во МКЦ, ќе се појават и десеттина македонски бендови кои израснале на идеологијата и самосвојниот бунт на Канал 103. Ќе свират МИЛКО, НОВИОТ ПОЧЕТОК, ПМГ КОЛЕКТИВ, ФАЈТИНГ ВИЛДМИЛС, ЛЕПИ ЏОНИ, СУСИЈАТ, ПАЛИНДРОМ, НОИТУ, КННТ, ГОЛИ ДЕЦА и ПАЛИНДРОМ.

Од друга страна, во дослух со зачнатата традиција, и оваа прослава на округлата годишнина ќе биде збогатена со пригодна уметничка постановка во Галерискиот простор на оваа главноградска институција. За неа овојпат се погрижи уметникот, пријател и подржувач на Радиото - Атанас Ботев. Тој вели дека изложбата е замислена како мултимедијален приказ на Македонската музичка сцена во контекст на 25-годишното делување на Канал 103.

„На располагање имав исцрпна фотодокументација како и некои раритетни видеа, но специјално за изложбата направив и неколку свои дела. Го избегнав оној класичен музеолошки пристап во смисла на некаков хронолошки приказ на настаните, туку сакав на еден динамичен начин да го доловам духот на времето и така пригодно да го одбележам роденденот на ова култно радио“, вели Ботев.

И, дозволете нешто лично. Пред неколку дена во утринската програма на Канал 103 едно по друго се изредија БИС БЕЗ, ЛЕБ И СОЛ, АРХАНГЕЛ, КОНКОРД, па БИТЛСИ, СТОУНСИ, ХУ, КИНКСИ, СЕКС ПИСТОЛС, КЛЕШ... Вистинска радост за секое нормално уво во времево кога на радио брановите кај нас суверено владее комерцијалното ѓубре од секаква провиниенција и вредноста единствено се мери по успехот на топ листите. КАНАЛ 103 беше и остана единствена алтернатива. Чест на исклучоците сè друго се претопи во сивилото.