Промоција на Здружението на џез музичари и слободни уметници

Под мотото „Креативни умови обединете се!“, в среда, на 11 мај, со почеток во 19:30 часот, во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржи промоција на Здружението на џез музичари и слободни уметници чија крајна цел е афирмација на современата македонска џез музика.

По неколкугодишно промислување, в среда, на 11 мај, конечно ќе биде реализирана една дамнешна идеја. Во кино „Фросина“, во Младинскиот културен центар, е предвидено да се одржи промоцијата на Здружението на џез музичари и слободни уметници – Скопје, независната асоцијацијата чија крајна цел е афирмација на современата македонска авторска џез музика.

„Идејата за здружување е од поодамна. Со колегите сметаме дека оваа музика треба да биде многу повеќе застапена на домашната сцена и затоа се решивме дека треба да направиме нешто повеќе за нејзината афирмација. За нејзиното присуство на фестивалите, по клубовите, во медиумите. Од таму се одлучивме да направиме стратегија како тоа да го организираме и така се роди потребата од формирање на Здружение на џез музичари и слободни уметници“, вели Гоце Стефковски, музичар.

Тој дополнува дека Здружението пред себе си постави за цел да ги обедини љубителите на џез музиката, џез музичарите, слободните уметници, студентите од џез академиите, но и сите ентузијасти и помагатели на овој вид уметност.

„Пред сè ова е ситуација каде луѓето си ги земаат работите во свои раце. Оваа држава не може да се пофали дека се погрижила за својата џез сцена, дали во рамките на институциите или во рамките на делувањето на некои повластени индивидуалци и кога ќе помине одредено време, време во кое добар дел од нас веќе пораснавме, од искуство гледаме дека треба самите да се погрижиме за својата иднина“, истакнува Ален Хаџистефанов, снимател, продуцент и сопственик на ЏЕЗ ФМ РАДИО.

Обајцата, во името на своите колеги музичари и слободни уметници, потенцираат дека нивната основна заложба ќе биде да се даде придонес во афирмацијата на македонската џез музика преку унапредување на продукцијата и застапеноста на авторската џез музика создадена и изведувана од страна на домашните џез композитори и инструменталисти. Дека ќе настојуваат да се зголеми и нивната медиумска присутност и застапеност на фестивалите во земјава и надвор од неа.

Во прогласот пред промовирањето на ЗЏМ ќе биде забележано и тоа дека една од нивните главни активности ќе биде и едукацијата на млади таленти и музички ентузијасти која ќе се спроведува преку организираните работилници во текот на годината, а на кои предавања ќе држат дел од членовите на Здружението, кои веќе во голем број се професори на Факултетите за музичка уметност во Скопје и на Џез академијата во Штип. Се разбира, не се исклучува и можноста да бидат повикани и едукатори од странство кои на овој начин би споделиле дел од своето богато знаење.

„Ова Здружение никако нема да остане само во рамките на џез музиката, оттаму и додавката „слободни уметници“, што подразбира дека секоја форма на уметност и секој креативец би можел да се најде во овој концепт, во оваа дадена платформа и на тој начин да ги туркаме работите и за други“, појаснува Хаџистефанов.

Во понатамошното делување, ЗЏМ би се амбицирало да се вклучи во постоечки европски мрежи, за да може да се воспостави реална размена на македонскиот музички продукт со оние што настануваа во регионот и во европските земји. Згора на тоа планирано е и формирање на голем оркестар или Биг Бенд во кој би музицирале дел од постојните членови на Здружението, но често пати би биле повикувани и гости од странство. Конечно Биг Бендот на својот репертоар би имал композиции создадени од македонски џез композитори од помладите генерации, вклучувајќи и дела од великаните и основоположниците на македонската џез музика.

„Од досегашните разговори произлезе и една по мене искрена и навистина симпатична идеја – да формираме Биг Бенд. Тоа подразбира дека сите ние би стоеле на располагање на композиторите како Илија Пејовски, Дамир Имери, Живојин Глишиќ, па и на некои од помладата генерација кои исто пишуваат музика за големи оркестри како Владимир Николовски, Џијан Емин. Тука се и адаптациите на композициите на постоечките групи и ансамбли кои свират џез. Значи, едноставно сметаме дека е добро секое професионално обединување кое може да ги придвижи работите“, ќе рече Стефковски.

Не е исклучено креативните сили на членовите на асоцијацијата да бидат користени и за поставување на платформа за издавачка дејност. Нешто што може само да ја збогати фонотеката со носачи на звук од домашните автори во овој домен.

„За мене ова е многу пологично подржување на македонската музика во стилот џез отколку што било друго. Многу повеќе отколку што ЏЕЗ ФМ како радио само по себе може да направи. Јас сум секогаш на страна на џез музичарите и тоа го докажувам веќе 25 години, но ова е она кога ќе ги засукаш ракавите и ќе го одработиш делот физички, а не само филозофски. Така што, ЏЕЗ ФМ медиумски може повторно да ги покрие овие работи, но ме знаеш мене како тон мајстор, како некој кој има искуство од другата страна на микрофонот, па мислев дека токму тоа знаење треба повеќе да го употребам во ова Здружение“, заклучува Ален Хаџистефанов.

Инаку, промоцијата на Здружението на џез музичари и слободни уметници е замислена и како можност за концертно претставување на дел од членовите чиј број не е мал, а влезот за посетителите е слободен – без претходни резервации и билети.