Лицата на Шарената револуција

Демијан Хаџи Ангелковски, член на Студентски пленум.

Тие ја бранат својата партија-држава, но ние ја браниме слободата на говор и правдата. Нема да ја попречиме нивната слобода на изразување, но ќе ги сквернавиме злите симболи на режимот, пишува Демијан Хаџи Ангелковски од Студентски пленум во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Веќе четврта недела се протестира ширум улиците на македонските градови. Граѓаните, гладни за слобода и жедни за правда, секој ден ги преплавуваат улиците. Тие се неуморни, издржливи и мошне трпеливи. Умно и разумно ја играат оваа партија шах со криминалците на власт. Тие ни поставуваат замки, ние ги избегнуваме и ги фаќаме во наши. Но, се чини дека се уште има доста луѓе кои не целосно разбираат што значи Шарената Револуција.

Насилството на улици е тоа што тие го посакуваат. Тоа е последната стапица која ни ја поставува МВРО. Ние за сметка на тоа, не попуштаме!

Јас лично протестирам за мене и моите права како граѓанин на оваа држава. Сакам да бидам активен член на нашето општество и да придонесувам во него. Сакам да бидам еднаквен со сите други кои живеат тука, сакам правдата да владее и да биде фер за сите и сакам да живеам слободно и да имам слобода на говор. Длабоко верувам дека со овие идеали ќе можам да живеам во демократска држава која нема да помилува тешки криминалци.

Моите најблиски пријатели протестираат за други идеали, можеби ти протестираш за нешто сосема трето. Тоа е во ред и тоа е супер, се додека сме сè пошарени во нашите идеи, но сме обединети под истите барања кои се повторуваат секој ден. Македонија не е спремна за избори, без разлика колку малиот диктатор го сака тоа.

Говорам тука за Груевски, малиот диктатор, кој има крв на неговите раце, а ме нарекува мене хулиган. Не би можел да го опишам степенот на хипокризија кој го има овој човек. Велат „ако треба и со насилство и со крв на улици ќе ја браниме Македонија“ на контра-протестите. Но, искрено јас не верувам во овие зборови. Чувствувам сожалување за тие наши пријатели и сограѓани кои мораат за клиентелизмот да патуваат секој ден со автобуси до други градови. Ама се будат и тие. Веќе не можат да издржат, платата е премала, сендвичот не е толку вкусен.

Насилството на улици е тоа што тие го посакуваат. Тоа е последната стапица која ни ја поставува МВРО. Ние за сметка на тоа, не попуштаме! Остануваме со цврст карактер, бидејќи знаеме што значи демократско општество, бидејќи доаѓаме до моменти кога Европјаните нè нарекуваат „најмирните хулигани“ и тоа е комплимент. Бидејќи покажуваме способност со пркост и немирност да постигнеме многу повеќе, отколку да се тепаме со нашата полиција или пак со нашите сограѓани. Они се крвожедните, не ние!

Тие ја бранат својата партија-држава, но ние ја браниме слободата на говор и правдата. Нема да ја попречиме нивната слобода на изразување, но ќе ги сквернавиме злите симболи на режимот. Ако хулиган значи дека се бориш за правда, ако соросоид значи дека сакаш слобода, тогаш со задоволство ги превземам овие епитети.

Секој политичар сака да остави видливо наследство зад себеси и зад неговото владение. Сиромаштијата и проектот „Скопје 2014“ се наследството на Груевски. За ова второво многу го боли кога го фарбаме. Знам дека има луѓе кои мислат дека ова е премалку или пак воопшто не го одобруваат. Верувајте, овде највеќе го боли и полека, пополека, попушта. Се понеизвесен станува датумот за избори, се чини дека веќе и тој нов „бетон“ кој го додадоа почна да се распаѓа и да се руши. Се посигурно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане осамен остров во политичкиот океан на Македонија и ЕУ.

Ние продолжуваме! Половично завршена работа, не е завршена работа. Ако изборите се одложат повторно, останува уште поништувањето на аболицијата. Некој многу попаметен од мене има речено „две глави подобро мислат од една“. Фактот е дека ние сме огромна бројка на луѓе кои тактички ги уриваат столбовите на кои се држи Груевски и неговиот режим. Не е возможно веќе да се бори на толку многу отворени фронтови. Победуваме! Одбројани му се деновите.

Се додека нема да има правда во оваа држава, нема да има мир на улиците на Македонија. За мене, за тебе, за сите жртви на ражимот! Затвор за фашистите, слобода за народот!

Секој ден во 6!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.