Достапни линкови

Секс, дрога и рокенрол – Бои, хулигани и Протестирам


Јована Ананиевска, активистка
Јована Ананиевска, активистка

Протестирам криминалците да бидат судени и казнети пропорционално со криминалите кои ги направиле. И никогаш повеќе ова да не ни се случи, пишува активистката Јована Ананиевска во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во последниве денови, после лудоста од изјава за аболиција, што ја даде оној чие име не вреди да го кажуваме, а чиј глас не се слушаше, морам да признаам имам перипетии во главата.

Криминалците да бидат судени и казнети пропорционално со криминалите кои ги направиле. И НИКОГАШ ПОВЕЌЕ ОВА ДА НЕ НИ СЕ СЛУЧИ!!!

Посебно ме инспирираше една изјава од пријател: Не ја носи сестра ти на протестите, партиски се обоени. Па се појави името „Шарената револуција“, што ми ги заокружи мислите кои беа реакција на оваа изјава. Обоени се протестите, најдраг пријателе. Обоена сум и јас. Обоена во боите на гневот, во боите на исцрпеноста, во боите на желбата за подобра иднина.

Премногу мисли и гласови ми се појавија во главата овие недели. Шизофренијата го достигна своето највисоко ниво. Ми се расправаат не можам да ги стишам, не можам да му се вратам на секојдневието од претходно што тивко ме убиваше.

Како секоја боја фрлена на триумфална, министерство за правда и култура (сé со мали букви) да добила свој глас во мојата глава.

Јов црвената: Ајде, ова пак е планирано, повторно сме наивни дека нешто ќе се смени и овој чекор сигурно го предвидоа, аболицијата беше само начин да се стават на маса уште услови на преговорите. Веќе немам енергија да одам со денови и со саати за после еден месец да се вратам дома и во кревет додека гледам во таван да сфатам дека се случи затишје и криминалците уште ни ја водат државата.

Јов виолетова: НЕМА ПРАВДА НЕМА МИР, НЕМА ПРАВДА НЕМА МИР; ГОТОВ ЕЕЕЕ ГОТОВ ЕЕЕЕЕ!! Излези на улица таму ти е местото не мрдај додека не паднат. Луѓе повеќе доаѓаат, луѓе секакви, луѓе секој за своето. Шарено е, различно е на сите им е преку глава. Аман веќе, има некоја светлина сите ја гледаме при крајот сме, гнасниот тунел има крај.

Јов зелената: Ма какви цветови бре, какво боење на институции, ова нема крај. Ако институциите не носат правда и не казнуваат криминалци, тогаш нека ги казни народот. Нека ги казнат фамилиите на тие што ги изгубија саканите, што им ги убија со глава смачкана, скапа операција, економска ситуација. Доста веќе се залагаш за тие мирни протести, дур не изгори сé што изградија нема ништо да се смени.

Јов жолтата: А бре какво насилство, какви глупости, не се сведувај на нивното ниво. Имаат искуство во насилството, имаат искуство во манипулациите, имаат искуство, ќе нè сведат на нивно ниво и ќе нè победат. Единствен начин за победа е сплотени во љубовта, сплотени за правдата, покажи пример како сакаш да биде не мавај со нивни камења.

Јов сината: Доста жолт хипику, ако некој не застане да нè поведе, да донесе поголема масовност, шанса немаме, колку сакаш љубов делете си на улица, без 500 илјади излезени и овие протести ќе си останат само „дружба од улица“. Целта е пад на власта, а не убава енергија и убави луѓе.

Јов портокаловата: А бре каков проклет некој да застанувал и тој и таа и сите што застанале истото го покажале. Нема еден да води, диверзитет е тоа што ни треба. Не едноумие, ни треба раскараните за своите стратегии уште да се караат, ама да се караат на улица додека протестираат за овие да паднат. Секој своето да си го прави, секој своето да си го брка додека на улица протестира. Тоа што ќе ги обедини да биде само таа цел, криминалците да добијат казна и правдата да биде задоволена.

Сите бои во мене си имаат свое мислење ама најгласни се кога заедно ќе грмнат да ми се дерат во глава.

ЈОВ ШАРЕНАТА:

„Ве мразам затоа што се чувствувам како туѓинец во сопствената земја,
ве мразам затоа што ми игра стомакот од параноја на секој звук на хеликоптер,
ве мразам затоа што економијата осиромашува луѓе,
ве мразам затоа што здравството убива луѓе,
ве мразам затоа што образованието заглупавува луѓе,
ве мразам затоа што правото ја уби правдата,
ве мразам затоа што ја користите македонштината за да тепате луѓе кои бегаат од војна,
ве мразам затоа што уште сте на слобода,
ве мразам затоа што сте убијци,
ве мразам за сè.“

Сакала нејќела, драг пријателе, обоена сум со моето виножито полно гласови кое секојдневно меѓу себе се расправа но прави да созреам и да бидам тоа што сум.

Ама сите овие бои што во мене зборуваат, едно нешто ги обединува:

НЕ МОЖАТ ВЕЌЕ ДА ЈА ТРПАТ НЕПРАВДАТА!!!

Не ме оставаат моите бои мирно да спијам додека оние уште се на власт:

оние кои се обидоа убиство на едно момче да скријат,

оние кои се смеат на трагедијата на луѓето,

оние кои апсат и тепаат невини,

оние кои животот на едно девојче на пари го сведоа, а во меѓувреме сè ни испокрадоа,

оние кои направија додека шетам во град да ми се повраќа,

оние кои мегаломански статуи ставија покрај луѓето кои гладуваат и немаат покрив над главата,

оние кои сестра ми ја сведоа на попреченост па со грдни маки полагаше матура,

оние кои направија родителите да ми посакуваат да си одам од тука,

оние кои не ми дозволуваат да си го живеам животот,

оние кои ме направија таргет на камењата на хомофобите,

оние кои ми внесоа страв да се движам кон ЛГБТИ центарот,

оние кои жените кои абортирале ги нарекуваат убијци,

оние кои од инает не прифаќаат сексуално образование,

оние кои,

оние кои,

оние за кои може да нема крај набројувањето на нивните „гревови“.

Оние, пак, хулигани кои се секој ден на улиците со своите виножита се обединија како и боите во мојата глава. Оние хулигани на улица, драг пријателе, сите се обоени. Обоени во многу бои. Бои на многу гласови, многу размислувања, многу несогласувања, многу начини на живот, многу стилови на облекување, многу попречености, многу сексуални ориентации и родови идентитети, многу бои на кожа, многу возрасти, многу етникуми, многу професии, многу различни припадности и карактеристики. Да, драг пријателе, ја носам сестра ми на протестите кои се обоени. Сите ние сме обоени.

Обоени со гнев и желба за подобро утре. Обоени, но обединети во една цел:

Криминалците да бидат судени и казнети пропорционално со криминалите кои ги направиле. И НИКОГАШ ПОВЕЌЕ ОВА ДА НЕ НИ СЕ СЛУЧИ!!!

Како што и Фатиме денес им порача – Правдата да ги стигне сите и секаде!!!

Се гледаме на улица затоа што таму сите бои се добредојдени.

XS
SM
MD
LG