„Шарената револуција“ против партизираното судство

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протестите влегоа во четвртата недела и денеска беа фокусирани на како што беше најавено, корумпираното и партизирано судство, откако беше продолжен куќниот притвор на тројца демонстранти. Демонстрантите ја офарбаа со боја и зградата на Основниот суд Скопје 1.

Демонстрантите од таканаречената „Шарена револуција“ денеска ја офарбаа со боја и зградата на Основниот суд Скопје 1. Фокусот на протестите, како што најавија беше корумпираното и партизирано судство. Тие извикуваа „Нема правда и нема мир“, а пред толпата се обрати мајката ан еден од демонстрантите кој се наоѓа во куќен притвор, Борјан Ефтимов, како и адвокатите Ѕвонко Давидовиќ и Снежана Калеска.

Доста ни е од селективна правда! Доста ни е од корумпирано судство кое им слугува на Груевски и неговата клика! Доста ни е од судска власт за која највисок „правен“ акт е партиската книшка!, порачаа демонстрантите, откако беше продолжен куќниот притвор на тројца демонстранти.

Протестите на таканаречената „Шарена револуција“ организирани од здружението „Протестирам“ влегоа во четвртата недела. Тие традиционално започна пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје, а продолжија кон судот, а завршија пред Владата.

Основниот суд Скопје 1 денеска го одложи рочиштето за двајцата демонстранти што беа приведени на 11 април. Причината за одложувањето е барањето на обвинителството за спојување на постапката со уште еден предмет при што се побарува оштета од 880 илјади денари или речиси 15 илјади евра.

Демонстрантите Никола Аризанов и Филип Наковски кои беа приведени на протестите на 13 ти април, се во домашен притвор и се единствени од првата група приведени кои добија кривични пријави.

Протести се одржаа денеска и во Струмица, Битола и Прилеп, а за утре се најавени и во Штип, Тетово и Гевгелија.

Демонстрантите бараат повлекување на одлуката за аболиција, оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд за предметите на Специјалното јавно обвинителство, како и повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, вклучување на граѓанското општество во решавање на кризата и формирање на преодна влада.