Достапни линкови

Протестите и политичката криза - главна тема во весниците


Извештаите за протестите, но и анализите што тие ќе предизвикаат на политички и на економски план се главна тема во дневните весници.

Aлал вера за нашите медиуми! Во најновиот извештај на организацијата Фридом хаус, што го објавува само Утрински, Македонија од групата делумно слободни паднала во групата неслободни земји во однос на слободата на печатот. Тоа е досега најголем пад на слободата на медиумите во земјава, забележува Утрински, и додава дека нашата земја заедно со Турција се единствените во регионов рангирани во групата неслободни земји.

Неизвесноста кулминира, во игра украинско, чилеанско, па и чисто македонско сценарио за расплет или за уште поголем заплет!
Слободен печат

Слободен печат забележува дека „Реката демонстранти секоја вечер ги бранува македонските градови“, информирајќи за протестите на граѓаните организирани од движењето „Протестирам“, како и за оние во организација на ГДОМ. Дневник и Вечер за овие собирања информираат на прво место, а помасовните се во втор план со кратки вести.

Слободен печат излезе и со ваков наслов: „Неизвесноста кулминира, во игра украинско, чилеанско, па и чисто македонско сценарио за расплет или за уште поголем заплет!“

Утрински консултира аналитичари и во насловот вади поента: „Македонската криза влегува во финална фаза“, наведувајќи дека аналитичарите очекуваат со засилен меѓународен притисок да се изнајде решение за надминување на политичкиот ќор-сокак.

Утрински и Слободен печат информираат дека Шеќеринска била во Брисел на итна средба со Ховит и со Могерини, и дека Ховит следната недела повторно ќе го посетел Скопје.

„ЕУ не негира можни санкции за поединци од Македонија со забрана за нивно влегување во некоја земја-членка на Унијата“, ја пренесуваат Утрински и Вечер веста на МИА од Брисел.

Вечер, инаку, продолжува со напади врз Сорос, дека финансирал книги со упатства за протести, и српската организација Канвас: „Еве која увезена банда стои зад Шарената револуција на СДСМ и Заев“.

Што се однесува до истиот весник, за него „ДИК е подготвена за изборите на 5 јуни“, објавувајќи го постот на Бонева на Фејсбук дека била „горда дека работата е завршена и оти ги снемало 300-те илјади фантомски гласачи“. Вечер не објавува дека конечниот извештај не е потпишан од претседателот на Комисијата, Чичаковски.

Дневник оди со наслов: „СДСМ во очекување - Ахмети да пресече против избори, потоа лидерска средба“, и дека „До празникот Ахмети ќе донесе одлука ‛за‛ или ‛против‛ 5 јуни“.

Во меѓувреме, „Компаниите се соочуваат со откажување нарачки од странските партнери и отежната наплата“, ја пренесува Нова Македонија анкетата на Стопанска комора на Македонија.

По зголемената побарувачка на евра и шушкање дека граѓаните ги повлекуваат штедните влогови, „Банките смируваат: заштедите се сигурни, девизи има“ - објави Утрински.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG