Всушност, Македонија е единствената земја во регионот, заедно со Турција, која е во групата неслободни земји. Сите други се во групата делумно слободни. Исто така Македонија е една од земјите кои минатата година забележале најголеми падови. Меѓу нив се Турција, Бангладеш, Бурунди, Франција, Србија, Јемен, Египет и Зимбабве.
Нападите врз новинарите во Западен Балкан придонесоа за севкупниот пад на слободата на медиумите во регионот.
„Македонија беше причина за извесна тревога по откритијата дека владата прислушувала, а она што ние, исто така, го видовме во Западен Балкан е насилството врз новинарите и во земји како Хрватска, каде што порано немаше таков висок степен на насилство, како на пример во Црна Гора“, изјави за нашето радио Елен Агекијан, истражувачки аналитичар во Фридом хаус.
Македонија беше причина за извесна тревога по откритијата дека владата прислушувала, а она што ние, исто така, го видовме во Западен Балканот е насилството врз новинарите, и во земји како Хрватска каде што порано немаше таков висок степен на насилство како на пример во Црна Гора.Елен Агекијан, истражувачки аналитичар во Фридом хаус
Во Србија, повеќе новинари страдале од физички напади кои придонесуваат за зголемената автоцензура низ медиумскиот сектор.
Нападите и смртните закани во Македонија и Босна и Херцеговина, исто така, ја истакнаа загриженоста со бројни прекршоци извршени против новинарите кои ја истражуваат корупција во власта.
Сериозни прашања остануваат и околу тоа дали владите на овие земји се искрени во нивните изјави за посветеност спрема европските норми за слобода и независност на медиумите.
Во Турција, власта ја искористи состојбата со реалните закани за безбедноста за да ја интензивира својата репресија врз медиумите.
Во извештајот на Фридом хаус, насловен „Битката за доминантна порака“ се оценува дека слободата на печатот во светот лани се намали на најниско ниво во последните 12 години.
Тоа е последица на обидите на политичките, криминалните и терористичките сили, во нивната поширока борба за власт, да ги замолчат медиумите.
„Силите против слободата на печатот беа најсилни на Блискиот Исток и Турција, каде што владите и милитантните групи вршеа притисок врз новинарите и медиумите да заземат страна создавајќи клима на „или сте со нас или против нас“, вели Џенифер Данам, директор во Фридом хаус, додавајќи:
„Слободата на медиумите не е намалена само во репресивните општества, туку и во Европа. Тие во поголемиот дел од Европа мораа да се соочат со нови закани од терористите, како и нов надзор и безбедносни закони кои можат да ја попречат нивната работа. Политичките лидери во Полска, Унгарија, Србија и други земји бараа поголема контрола врз националните медиуми“, вели Данам.
Само 13 насто од населението во светот ужива во слободата на печатот, односно, каде што покриеноста на вести е стабилна, безбедноста на новинарите е загарантирана, државните упади во медиумските работи се минимални, а печатот не е предмет на тешки правни и економски притисоци.
Четириесет и еден процент од светската популација има делумно слободен печат, а 46 проценти живеат во неслободни средини за медиумите.
Стрмниот пад во светот пред се е поврзан со зголемената партизација и поларизација во многу земји, како и степенот на заплашување и физичко насилство со кои се соочуваат новинарите.
Десет најлошо рангирани земји и територии во светот се: Белорусија, Крим, Куба, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Иран, Северна Кореја, Сирија, Туркменистан и Узбекистан, оценува Фридом хаус.