Притисокот врз европската политика, начинот на кој напредува екстремно десничарскиот национализам и степенот со кој се поттикнува распадот на европското единство, се само некои од случаите што се експлоатирани од некој како Путин, изјави Обама.
Наведувајќи дека се обидувал да го разувери рускиот лидер во неговото уверување дека НАТО и Европската унија претставуваат закана, Обама рече:
„Мислам дека тоа е грешка. Јас му укажував дека всушност, силна и обединета Европа која работи со силна Русија е вистинскиот рецепт. Досега, тој се уште не е целосно убеден во тоа“, рече Обама.
Јас му укажував дека всушност, силна и обединета Европа која работи со силна Русија е вистинскиот рецепт. Досега, тој се уште не е целосно убеден во тоа.Барак Обама, претседател на САД
Тој, зборувајќи на крајот од неговата посета на Европа, за која оцени дека се соочува со „решавачки момент“ во врска со мигрантската криза и заканата од исламскиот тероризам, и затоа треба да покаже поголемо единство.
Претходно Обама во говорот во Хановер изјави:
„На целиот свет му е неопходна силна, просперитетна, демократска и обединета Европа“, рече тој.
Овој негов апел следуваше по минатонеделниот во Лондон против евентуалното излегување на Британија од Европската унија.
Обама го спореди, како што рече, денешниот просперитет со војните и тешкотиите на минатиот век, оценувајќи дека силните врски меѓу Европа и Соединетите Држави се уште поважни во време на сегашната брза глобална интеграција.
Тој, исто така, побара од членките на ЕУ и НАТО целосно да придонесуваат во Алијансата, наведувајќи дека „Европа понекогаш е безгрижна за својата одбрана“.
Тој најави дека на НАТО самитот во јули во Варшава ќе инсистира на неопходноста сите членки на Алијансата да ја преземат одговорноста за безбедноста.
Обама исто така ги повика европските лидери да ги задржат санкциите против Русија во врска со нејзината улога во конфликтот во источна Украина.
Американскиот претседател најави зајакната НАТО улога во Полска, Романија, балтичките земји, како и во врска со, како што рече, „заканите од неговата јужна страна“.
Најавувајќи распоредување 250 американски војници во Сирија, тој рече:
„Токму сега, најитната закана за нашите народи е милитантната група Исламска држава. Тоа е причината зошто ние сме обединети во нашата решеност да ја уништиме“, рече Обама.
Во Хановер беше одржан и состанок на лидерите на САД, Германија, Италија, Британија и Франција.
Тие ги повикаа НАТО и ЕУ да соработуваат во контролата на бранот мигранти од Либија. Според италијанскиот премиер Матео Ренци, Обама се согласил со планот за НАТО патроли кај брегот на Либија за да се спречи активноста на шверцерите на луѓе и да се намали бранот мигранти во Европа.
НАТО веќе води поморска операција во Егејско Море во борбата против шверцери на мигранти меѓу Турција и Грција.