Политичката криза се решава на улица

Весниците, како и општеството поделени, додека едните сметаат дека Иванов ставил крај на кризата, другите пишуваат дека само ја разгорел.

„Претседателот со историско решение за крај на политичката криза - Иванов ја запре борбата на Македонците против Македонците до самоуништување‟, информира Вечер за одлуката на претседателот Иванов да аболцира 57-мина актуелни и поранешни политичари од власта и од опозицијата.

Слободен печат со спротивно мислење: „Наместо да ја извлече, Иванов ја турна државата во поголема криза – револтот се излеа на улица, ќе се протестира секаде и постојано‟, а Утрински сумира: „Сите се против одлуката на Иванов – иако повика на национално помирување, генералната оценка на партиите е дека неговата постапка е избрзана, непромислена и ќе нанесе голема штета‟. Истиот весник ја пренесува изјавата на коалициониот партнер на Груевски, Али Ахмети: „Иванов да ја повлече одлуката без одложување‟. Утрински информира и за ставот на Стејт департментот: „Иванов да ја преиспита својата одлука‟, како и за изјавата на еврокомесарот Хан дека „Кризата може да се реши само политички, не со насилство‟.

Вечер го објавува повикот на ЕУ: „Партиите да се подготвуваат за избори‟. И македонската дијаспора е против решението на Иванов: Утрински го објавува ставот на ОМД дека аболицијата на сите обвинети политичари го нарушува интегритетот и меѓународниот углед на државата и на македонските граѓани во светот.

Информирајќи за протестот во средата вечерта во Скопје, Утрински оди со наслов: „Демонстрантите се судрија со полицијата, демолирана Канцеларијата на Иванов, повредени и десетина приведени на протестот пред Канцеларијата на Иванов‟. Дневник информира за контрапротестот на ГДОМ, предводен од Тони Мијаловски и од Пандов, кој „продолжи пред седиштето на СДСМ‟. Дневник уште насловува: „Лидерот на СДСМ двапати аболициран‟. Вечер оди со наслови: „Заев жив на дело фатен, па помилуван‟, „Хулиганите на Заев почнаа да палат и да каменуваат‟, „Масовен протест против Заев, СДСМ и Верушевски – видео со дрон‟, а избројал и дека на протестот пред Собранието имало 15 илјади граѓани.

Покрај информациите за политичката криза и за протестите во Скопје, Нова Македонија пишува за новиот начин на превентивно дејствување на Европол: да собира информации во соработка со земјите од „Балканската рута‟ во врска со мигрантите во Грција. Целта, како што информира весникот, е да се спречи инфилтрација на терористи-оперативци на Исламската држава меѓу бегалците, но и да се намалат активностите на други криминални мрежи за шверц на луѓе на Балканот.