Достапни линкови

Реакциите не допираат до Иванов


Пораки со загриженост, остра реторика, протести, демолирани институции, но Претседателот кој со својата одлука ги крена сите на нозе, засега молчи за реакциите. Ниту Владата не одговара на прозивките.

Два дена по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција не стивнуваат ниту протестите во Скопје, ниту пак реакциите од странските политичари и дипломати.

Собранието е распуштено, Претседателот води политика која што е сосема спротивна со интересите на меѓународната заедница и домашната јавност, речиси и да нема партија освен некоја од помалите која повеќе заради „декор“ кажаа дека се согласуваат со одлуката на Претседателот.
Никола Дујовски, универзитетски профосор.

Сојузната германска влада, Стејт департментот, амбасадорите на западните земји, дипломатите од Европската унија, речиси сите изразија загриженост поради одлуката на Иванов. Но од другата страна засега е молк. И шефот на државата и Владата не одговараат на ваквите прозивки.

Според професор Никола Дујовски тоа што Иванов не реагира било и очекувано бидејќи тоа го најавил и во самото обраќање. Тој рече дека бил свесен за последиците и пред донесувањето и по одлуката, со што, како што смета Дујовски, дал до знаење дека нема да посвети внимание на реакциите и на домашната јавност и на странскиот фактор.

„Ние дочекавме во 21 век кога сме сериозно навлезени во европските интеграции да ни се повторат политики со кои другите држави се соочуваа пред 25 или повеќе години на целосно изолација на раководството. Собранието е распуштено, Претседателот води политика која што е сосема спротивна со интересите на меѓународната заедница и домашната јавност, речиси и да нема партија освен некоја од помалите која повеќе заради „декор“ кажаа дека се согласуваат со одлуката на Претседателот, а тука е и Владата која што е комплетно затворена и која речиси и да не функционира деновиве“, вели Дујовски.

Судири, материјална штета, повредени и приведени по протестите
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:52 0:00

По синоќешните протести еврокомесарот Јоханес Хан на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша дека кризата може да се реши само со политички средства, а не со насилство. Тој ги повикува сите политички партии и, како што напиша, одговорни граѓани да се воздржеле од акти на насилство. Одговорност на политичарите е да се вратат на преговарачка маса, наведе еврокомесарот по синоќешните протести. Претходно Стејт департментот во соопштение оцени дека доколку се имплементира, одлука на претседателот ќе ги штити корумпираните функционери и ќе ја негира правдата на граѓаните на Македонија. Како пријател на Македонија, САД силно го повикуваат претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука и да му дозволи на Специјалното јавно обвинителство, воспоставено како дел од Договорот од Пржино, да ги истражи сериозните обвинувања за злоупотреби на Владата и да им дозволи на судовите да си ја вршат својата работа, наведе американската администрација.

Иако засега изгледа дека апелите и пораки на странските фактори ја губат своја сила и не стигаат до центрите на моќ, сепак Дујовски смета дека работите се менуваат.

„Сметам дека помина еден период кога меѓународната заедница остави работите да се решаваат внатре во Македонија и тоа беше периодот пред распуштањето на парламентот. Меѓутоа сега од кога последниве настани се случуваат во Македонија меѓународната заедница повторно пројавува силен интерес и начините на кои ќе ја обезбеди политиката Македонија да не биде изолирана држава мислам дека во наредниот период ќе бидат уште поприсутни“, вели Дујовски, кој додава дека на сите им било јасно дека демократските процеси на крај мора да завршат со правда која е основен предуслов за развој на општеството.

Инаку и во новиот годишен извештај на Стејт департмент за човекови права кој го објави државниот секретар Џон Кери се обвинува македонската влада за неуспех целосно да го почитува „владеењето на правото“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG