По Жолдак, Александар Поповски, Томаж Пандур...ренесансата на Македонскиот народен театар продолжува со уште едно значајно режисерко име - Александар Морфов. Големиот бугарски и европски уметник, човекот што режирал безмалку во сите поголеми и респектабилни театарски куќи на Стариот континент и чии претстави се добитници на значајни награди, оној според кого „некои го мерат и времето – пред и по него“... во нашата национална установа за три месеци, наместо најавената „Дон Кихот“ ја исправа „Животот е прекрасен“. Пиесата е работена според „Самоубиец“, делото на рускиот драматур Николај Ердман. Се работи за текст за кој се вели „дека е мостот кој води од сатиричните драми на Гогољ до западноевропскиот театар на апсурдот“.
На ваквиот потег Морфов, се одлучил откако ги изгледал претставите од репертоарот на МНТ и ги запознал глумците. Но, во неговата одлука „дека ова е претстава по мерка на ансамблот“ има и една друга вистина – чемерот што го носи во себе од реалноста која вели дека „актуелниот општествено-политички момент во Македонија, но и во земјите од регионот, па дури и светски рамки, го изнедрува од човека најлошто“. Затоа не чуди кога тој вели оти многу тешко ги одбира пиесите на кои што сака да работи. Дека никогаш не работел нешто што не му лежи на срцето. Дека не посега по нешто ако не го боли до коска од темата.
„Ние почнавме даја губиме смислата на животот. И овде и таму од демократските промени што ни се случија, гледано од една пристојна дистанца, нештата стануваат се полоши и полоши. Човекот го извади најлошо од себе што може да се очекува. Луѓето се претворија во нешто што најмалку очекувавме дека ќе станат. Политиката стана најгнасното, најужасно нешто. Пријателите што ги имавме се претворија во бандити, разбојници и мафијаши. Светот е полн со луѓе кои што се бават само со себе, со пари, со богатење и ништо повеќе. Тие газат преку лешеви убивајќи цели народи и сè во името на личната благосостојба. На „печалењето пари“. И во таа смисла „Животот е прекрасен“ ми се чинеше дека е понеопходен. Ми се виде дека е неопходно да му се даде малку надеж и на малиот човек . Да проговориме за тоа дека и ние мора да живееме. Затоа главниот јунак мора да стигне до пеколот за да сфати дека има и нешто друго. Многу поважно од таквиот живот. Да имаш човек покрај себе кој ќе го љубиш и ќе те љуби. Ете тоа е поважно од целата таа свинштина во која што ние живееме. “
Морфов, од друга страна, им припаѓа на оние режисери кои не сакаат да говорат за крајниот резултат и за оценката на критиката зашто нему, како што знае да каже, најважен му е креативниот процес.
„За мене нема ништо поубаво од тоа процесот на работа да е креативен и секој ден да се изненадуваме со нови идеи и предлози, независно од критиката. Важно е што чувствуваме ние. Овде тоа се случи во прекрасна форма и се надевам дека претставата ќе биде достојна на нашиот труд. Мора да се уважува трудот, напорот и желбата на актерот да излезе на сцена и да покаже што знае. “
Знаејќи го ова, сосема е разбирливо што за оваа „актерска претстава“ Морфов ги одбрал своите пријатели и омилени македонски глумци како Никола Ристановски, Николина Кујача и Ѕвездана Ангеловска. Што тука се нашле и Сашко Коцев, Тања Кочовска ( која по маркантната улога во мјузиклот „Чикаго“ станува се поприсутна во МНТ), Гораст Цветковски, бардот Емил Рубен, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Арна Шијак, Александар Ѓорѓиоски...и така со ред.
Ристановски, кој ја толкува улогата на Семјон Семјонович Подсекаљников, знае да каже дека нему вообичаено му е тешко да говори пред одигрувањето на претставата, но дека овојпат покрај возбудата, чувствува и огромна, искрена радост и дека тоа го дели со колегите кои го чувствуваат истото на свој засебен начин. Како еден вид импулс, инпут и едно ново осознавање за тоа зошто воопшто човек треба да се занимава со театар.
„Тешко е стварно да се зборува за дете коешто треба да се роди допрва. Но се сложувам дека е во прашање страв како и при секое раѓање. Од друга страна, во таа парадоксална ситуација на страв имам некое чувство на огромна радост во желудникот и се надевам дека тоа зрно во суштина најмногу ќе изрти. Бидејќи и кога се играат најтажните работи мора да се играат со најмногу радост. Тоа веројатно најтешкото нешто во целата естетика, ај ќе ја наречеме естетика, во целиот приод и пристап во театарот што го има Сашо Морфов кој што ми е исклучително близок и многу повеќе од тоа.“
Според Сашко Коцев, Морфов е режисер кој ги сака глумците, ги разбира нивните потреби и рече дека е привилегија да се биде во негова претстава макар и за десет секунди. Гораст Цветковски, пак, додава дека од него научил дека нема мали улоги доколку режисерот знае како да ги направи големи.
И актерките со одбрани зборови за феноменот Морфов. Николина Кујача ќе рече дека претставата е можност актерите да научат како да ја контролираат енергијата, Звездана Ангеловска истакнува дека Морфов е авторитет кој знае да работи со жива материја – со душата на актерот, а Тања Кочовска, пак, искрено возбудена забележува дека она што и се случува е содржано во самиот наслов на претставата – за неа „Животот е прекрасен“.
Инаку, Дејан Пројковски, директорот на МНТ, не крие дека доаѓањето на Морфов е остварување на еден од сништата на националната театарска куќа и дека посакуваат тој на оваа сцена да биде присутен и догодина. Тој дополнува дека „Животот е прекрасен“ е проект што ќе ве расплаче и ќе ве насмее до солзи“, во која во фокусот е малиот и обичен човек - неговите желби, стравови и страсти.
„Претставата е многу слоевита и шокантно е што од минута во минута ве прави и многу среќни и многу тажни, каков што е и животот. Морфов, кој е еден од најголемите европски режисерски имиња, во оваа претстава ја вградува сопствената естетика. Нејзиното поставување е остварување на голем сон и важна точка за МНТ во потрагата на креативни предизвици.“
Кон ова само уште да споменеме дека сценографијата за „Животот е прекрасен“ е на Никола Тороманов од Бугарија, костимограф е Марија Пупучевска, а за кореографијата се погрижи Инга Красовска. Во изведбата учествува и петчлениот оркестар „Раскрши се“, а по гала премиерата, по примерот на светските театарски куќи предвидени се и уште две – идниот петок и сабота на 15 и 16 април.