Избори за продлабочување на политичката криза

Со избори без опозиција, Македонија влегува во уште подлабока криза. Дел од аналитичарите велат дека на опозицијата и останува само улицата, додека други велат дека, ако не оди на избори, СДСМ ќе се распадне.

Македонија продолжува да влегува во уште подлабока криза по едностраната одлука на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Парламентот, со оглед на фактот дека не се исполнети сите обврски кои произлегуваат од пржинскиот договор, вели аналитичарот Насер Зибери, кој е и поранешен пратеник. Бојкотот на опозициската коалиција предводена од СДСМ, пак, покажува дека овие избори нема да бидат подготвени како што треба, а тоа значи дека и резултатот од истите ќе биде оспорен, а ќе бидат оспорени и негирани и други сегменти од договорот од Пржино, додава Зибери.

Овие избори само ќе претставуваат промена на формата на кризата и продлабочување на истата. Мислам дека европратениците дадоа една добра дијагноза кога рекоа дека се плашат дека Македонија само во моментот ја одбегна агонијата, но не е извлечена од кризата.
Насер Зибери, поранешен пратеник

„Овие избори само ќе претставуваат промена на формата на кризата и продлабочување на истата. Мислам дека европратениците дадоа една добра дијагноза кога рекоа дека се плашат дека Македонија само во моментот ја одбегна агонијата, но не е извлечена од кризата“, вели тој.

Аналитичарот Александар Даштевски се надева дека СДСМ ќе го смени ставот и ќе учествува на избори.

„Сè уште има доволно време до избори, не се ниту распишани, а далеку сме и од изборна кампања која трае 20 дена пред изборите, затоа сметам дека СДСМ најверојатно ќе го смени ставот. Доколку не го смени ставот може да се случи распаѓање на партијата која и така е на стаклени нозе, а сигурно ќе дојде и до смена на Заев, така што ќе се создаде една нова демократска опција која веројатно со млади кадри ќе и требаа неколку години да се стабилизира и повторно да стапи на сцена“, вели Даштевски.

Решение на кризата требаше да биде изборниот процес, а алтернатива на тоа е улицата, вели Зибери. Со оглед на најавата дека опозицијата ќе ги бојкотира изборите, Зибери вели дека тој не гледа перспектива дека процесот за излез од кризата може да се врати во институционален колосек.

„Сега веќе влегуваме во една сива зона во која само вонредни мерки може да ја извлечат земјата од оваа блокада. Собранието е распуштено, изборите ќе бидат распишани, скоро целиот граѓански сектор е против ваквата одлука, опозицијата најавува бојкот. Македонија навистина се наоѓа во една сериозна криза од која само со вонредни напори, вонредни мерки може да се стопира овој тренд на понатамошно тонење“, вели Зибери.

Даштевски вели дека доколку сепак СДСМ остане на одлуката да не оди на избори, избори секако ќе има, но во блиска иднина за година или две повторно ќе мора да има избори на кои ќе учествува некоја лева опција.

„Не може да се смета веќе на одложување на избори, оти со секое одложување се пролонгира политичката криза, економската криза исто така како резултата на политичката криза, има инвеститори што нема да се одлучат да инвестираат во Македонија затоа што има политичка криза и целото население се занимава со тоа, наместо да си ја гледа својата работа“, вели Даштевски. Тој додава дека ситуацијата дополнително се комплицира што има и бегаласка криза. Според него, меѓународниот фактор треба да изврши влијание и СДСМ да излезат на избори, оти, како што вели, бојкотот не му одговара никому.