На Куманово му треба нов дом за стари лица

Дом за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово

Реновирање на постоечкиот, но и изградба на нов дом за стари лица му е потребен на Куманово.

Лицата во третото животно доба сместени во Домот за стари „Зафир Сајто“ во Куманово главно се задоволни од условите. Имаат и по некоја забелешка, но таа „паѓа во вода“, кога раскажуваат дека не се осамени, обезбедена им е исхрана, легло, топлина. Некои од корисниците во домот се и повеќе од три децении. А некои, пак, тука повторно ја наоѓаат својата сродна душа и стапуваат во брак. Моментно има две брачни двојки, а од 140 корисници највозрасниот е на 95 години. Објектот изграден во 1978-та година треба да се реновира и прошири, а има потреба и за изградба на нов објект, вели градоначалникот Зоран Дамјановски.

Главниот проблем со кој се соочува Домот е староста на објектот. Во меѓувреме било интервенирано на проширување на капацитетот, но од тогаш внатрешноста не е реновирана.
Неџипи Џемалили, директор на Домот за стари лица во Куманово

Радован Димчевски од кумановското село Пелинце е тежок инвалид, а во Домот е веќе 25 години. Тој е задоволен од престојот.

„Да не е добро, јас би си заминал. Тука имам сè, а семејството ме посетува редовно“, вели тој.

Никола Антевски од Куманово три години е тука и има по некоја забелешка.

„Некогаш немам лекови“, вели тој.

Двајцата станари на Домот додаваат дека се свесни оти не може да биде совршено.

Неџипи Џемалили, директор на Домот за стари лица во Куманово, вели дека капацитетот е 185 легла, оптимално се исполнуваат до 165 од цела Македонија и тоа жени од 60 години, а мажи над 65 години. Месечната партиципација е 11 илјади и 800 денари, а останатото преку блок дотации од Министерството за труд и социјала.

„Главниот проблем со кој се соочува Домот е староста на објектот. Во меѓувреме било интервенирано на проширување на капацитетот, но од тогаш внатрешноста не е реновирана. Минатата година реновиравме 12 соби, а годинава уште 13. Се соочуваме и со проблеми на финансирање. Ние околу 75 насто сами се финансираме, а останатото е од Министерството за труд и социјална политика. Неколку пати упативме забелешки дека со овој процент на финансирање тешко се обезбедува висок квалитет на сместување. Затоа сметаме дека треба да се зголеми партиципацијата од Министерството, а тука сметаме и на Општината“, вели тој.

Според Џемалили, тие не бараат ништо повеќе од почитувањето на Уредбата за блок дотации. Не може секоја година да се издвојува иста сума на средства, а секоја година се зголемува бројот на корисниците и на вработените.

Домот за стари лица во Куманово е еден од четирите во државава кои се под ингеренции на Министерството за труд и социјална политика. Од нив во најдобра состојба е битолскиот. Затоа што за овој Дом не се издвојувани средства согласно потребите, градоначалникот Дамјановски има свои забелешки.

„Куманово без поддршка од ресорното Министерство, едвај го одржува и овој дом. Сите инвестиции се резултат на изворните приходи на самиот дом и на решенијата од менаџерскиот тим со поддршка од Општината Куманово. Се надевам дека со промената на политичката клима во Македонија ќе имаме регуларни институции на системот, ќе имаме Министерство за труд и социјала кое ќе биде еднакво за сите и Куманово ќе го добие видното место на картата на инвестиции во ресорното Министерство“, вели тој.

Дамјановски додава дека повеќе од потребно е не само проширување и дополнување на реновирање на постоечкиот објект, неопходен е и нов. Инаку, сукцесивно се реновираат одредени делови од објектот. Куманово има предвидено и локација во урбанистичките проекти за изградба на нов дом. Тоа би се реализирало со јавно-приватно партнерство, приватни иницијативи, но и со еднаков третман на Министерството за труд и социјални работи кон најголемата локална самоуправа во државава.