Улогата на Грујевски во незаконското прислушување

Основен Суд Скопје 1 - Скопје.

Началникот Горан Грујевски е осомничен дека во март лани, еден месец од кога беше обелоденета аферата со прислушување издал наредба за уништување опрема за следење на комуникациите.

Името на Горан Грујевски, кој е првоосомничен во најновата истрага на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина“ за прв пат стана познато во јавноста кога опозицијата ја обелодени аферата со прислушувањето во февруари минатата година. На прес конференцијата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев токму Грујевски беше посочен како еден од одговорните за незаконското прислушување на повеќе од 20 илјади граѓани. Тој, како што наведе тогаш Заев работел под директива на премиерот Никола Груевски и директорот на УБК, Сашо Мијалков.

„Поднесовме кривични пријави против директорот на УБК Сашо Мијалков, против Горан Грујевски раководител на Петта управа и н.н вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање.“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заев - Власта масовно ги прислушкува граѓаните

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заев - Прислушкувани над 20 илјади луѓе

Неколку месеци подоцна во јули Јавното обвинителство само кратко соопшти дека тој заедно со неговиот поранешен шеф Мијалков бил испитан за случајот. Грујевски за разлика од Мијалков, кој поднесе оставка, остана на функцијата во Петтата управа, која е всушност задолжена за оперативната техника во УБК.

Сега Грујевски е осомничен и дека во март минатата година по околу еден месец од кога беше обелоденета аферата со прислушување издал наредба за незаконско ништење на опрема за следење на комуникациите, со изговор дека била застарена. Усната наредба Грујевски ја издал на 11 март, а првата таканаречена бомба на опозицијата беше објавена на 9 февруари. Ништењето на опремата пак започнало на 28 март, а медиумите во текот на тој ден објавија дека невообичаено за сабота пред седиштето на Управата за безбедност и контраразнување се одвиваат чудни активности.

Според медиумите и фотографиите кои ги објавија во жолто возило се товареле материјали, но не се дозна за какви материјали стануваше збор. Целта на Грујевски, според Специјалното јавно обвинителство била да прикрие други лица кои што неовластено ги користеле системите за следење на комуникациите. Кои се тие другите лица во чие име дејствувал Грујевски од Специјалното јавно обвинителство не сакаа да откријат во интерес на истрагата. Но, посочија и дека имаат докази оти и други лица ги користеле, односно ги злоупотребувале, системите за следење на комуникациите. Државното јавно обвинителство пак во случајот „Пуч“ кој на јавноста и стана познат во јануари минатата година го обвини контраразузнавачот Зоран Верушевски за неовластено прислушување и тонско снимање,а четвртообвинет е и Заев.

Еден од обвинетите во случајот и вработен во МВР, Зоран Костовски на 25 февруари склучи спогодба со Јавното обвинителство и ја призна вината.

Спогодбата се случува кратко пред Грујевски да ја издаде наредбата за ништење на опремата, која до тогаш била во функција. Според Специјалното јавно обвинителството се прикрило и точното време кога била уништена опремата односно наместо во март дека тоа се случило при крајот на 2014 година. Од обвинителство во врска со поврзаноста на овие два предмети соопштија дека е рано да се зборува за тоа, бидејќи се во различна фаза на постапката.

„Се работи за два предмети кои во основа имаат различен пристап од аспект што се во различна фаза на постапката иако суштината е за тоа од каде произлегуваат материјалите кои се јавуваат во предметот „Пуч“ е поврзана и со овој предмет. Но, сметам дека е рано овој предмет е во истрага, а преметот за прислушување е во предитсражна постапка и рано е да се даваат коментари дали би можело да се пристапи кон спојување на таквите предмети“, Ленче Ристоска, СЈО.

За Грујевски на интернет речиси и да нема никакви информации освен тоа дека докторирал на тема „(Зло)употреба на посебните истражни мерки“. Предистражната постапка за прислушувањето, како што порачаа од Специјалното јавно обвинителство продолжува и понатаму, а претходно воспоставија и надлежност за „Пуч“.