Цветан Ќушкоски е еден од многуте земјоделци во Кривогаштани, кои што се крајно незадоволни од аграрната владина политика. Тој конкретно има петчлено семејство, вели цела година сите активно работат во одгледување на повеќе култури, а сепак не може да ги покријат сите трошоци и наместо со заработувачка, годината ја завршуваат со долгови.
Земјоделството нам овде ни е катастрофа. Да се намалат цените на репроматеријалите, да се подобри инфраструктурата, оти в поле ние сега не можеме да појдеме да фрлиме ѓубриво на нивите, вода е до коленици и кал. Инспекторатот да помогне целосно во откупот и навреме да го платат производството.Цветан Ќушкоски, земјоделец од Кривогаштани.
„Земјоделството нам овде ни е катастрофа. Да се намалат цените на репроматеријалите, да се подобри инфраструктурата, оти в поле ние сега не можеме да појдеме да фрлиме ѓубриво на нивите, вода е до коленици и кал. Инспекторатот да помогне целосно во откупот и навреме да го платат производството. Уште имаме ние производство не платено, уште не сме зеле пари за пиперките, пет динари, шест динари ни ги зедоа зелените пиперки за ѓубрива, а уште тие ѓубрива не можеме да ги добиеме“, вели Ќушкоски.
На тешките услови во земјоделството се жали и Живко Клекачковски. Ниските откупни цени и недостигот на сигурен пласман, вели се најголемите проблеми.
„Бараме пласман, цена, 7 денари, 8 денари за килограм жито, субвенциите се во ред, ама некои што не земаат како јас? И тутун произведувам по 3 тони, и компири по 30 тони и 12-13 тони жито и едвај годинава ја поминувам“, реагира Клекачковски.
Земјоделците се многу револтирани и затоа што не ги добиле парите за предадениот род. Но, откупувачите проблемот го лоцираат во преработувачките капацитети.
„Еве ние како откупувачи претежно на градинарски култури, се соочувам со проблем. Преработувачките капацитети во Македонија и покрај тоа што имаме склучено договори со роковите кои се дадени во нив, не ги почитуваат, односно нема уплата на парични средства“, вели Рубин Благадуша, сопственик на откупната фирма „Стефан“ ДООЕЛ од Кривогаштани.
Откупните фирми сега решението на проблемот го бараат во посредство на Државниот Инспекторат за земјоделство, кој ќе побара од преработувачките капацитети да ги почитуваат договорите.
А, според Инспекторатот законскиот рок за исплата на градинарските култури со новите измени се скратува на половина од досегашните 180 денови.
„Останатиот дел што значи дијалог меѓу земјоделците и откупувачите на земјоделски производи или преработувачите стоиме како Министерство на располагање, да бидеме еден медијатор, се со цел да се изнајде правилно и квалитетно решение за двете страни“, вели Цветан Трипуновски, директор на Државниот инспекторат за земјоделство.