Република Македонија има одлични услови за побрз развој на сточарството. Надлежните институции преземаат активности за зголемување на бројот на стадата на овци, бидејќи земјава поседува голем број пасишта. Особено западниот регион на нашава земја изобилува со богати летни пасишта. Но поради проблемите со патиштата до пасиштата, бројот на овците е многу помал во споредба со минатото.
Во Македонија има околу 700 илјади овци, но таа бројка е мала во однос на условите. Порано во Македонија имало над 2 милиони овци, така што бројот на овците и сега треба да расте. Капацитетите ги имаме, а имаме и човечки ресурси.Лулзим Фејзулаи, директор на Јавното претпријатие Пасишта на Македонија.
„Во однос на развојот на сточарството, Македонија треба да се фокусира токму на оваа гранка, значи на сточарството. Земјава има идеални услови, а фармерите треба да се концентрираат на сточарството. Оваа ќе биде бенефит за нашава држава. Нашето сточарство носи и сега голем прилив на девизи, но секако може и повеќе“, вели директорот на Јавното претпријатие Пасишта на Македонија, Лулзим Фејзулаи.
Тој вели дека експертите оцениле дека Македонија може да се развива и тоа како земја со силно современо сточарство. Европскиот пазар е многу заинтересиран за еколошко чисто сирење, но и другите млечни производи од Македонија.
„Во Македонија има околу 700 илјади овци, но таа бројка е мала во однос на условите. Порано во Македонија имало над 2 милиони овци, така што бројот на овците и сега треба да расте. Капацитетите ги имаме, а имаме и човечки ресурси. Останува само да се фокусираме посилно на оваа гранка и младиот свет да почне да се занимава со оваа професија.“
РСЕ : Имате ли проекти за поттикнување на сточарството?
„За да се поттикне развојот на сточарството, правиме напори за подобрување на инфраструктурата до пасиштата. За две недели започнува реализација на Проектот за изградба и санација на патишта во должина од 20-тина километри до пасиштата во планината Стогово. Патиштата ќе се рехабилитираат и изградат со сите потребни зафати, како што се шахти, потпорни ѕидови и тн. За да пристапот до бачилата биде достапен.“
РСЕ : Во насока на инфраструктурата кои други активности ги предвидувате?
„Имаме добра соработка со сите други надлежни институции, како што се Министерството за земјоделие, Агенциите кои ги покриваат активностите во оваа сфера. Сега е одобрен и еден Владин проект за снабдување на големите бачила во електрична енергија.“
Директорот Фејзулаи на средбата што деновиве ја имаше со дебарските сточари најави скорешно добивање на лиценци за бренд на дебарското традиционално сирење за дел на сточари кои ги исполнуваат условите, со што дебарското сирење ќе биде пласирано надвор и од домашниот пазар, а сточарството и во регионот на Дебар ќе се развива побрзо.