Жителите на Вранче не веруваат во ветувањата на Владата

Mесното население на министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски му пренесе дека повеќе не веруваат на ветувања на оваа влада. Мештаните велат дека кај нив локалната и централната власт доаѓа само за собирање гласови пред избори.

Жителите на долненското село Вранче не веруваат веќе во ветувањата на Владата. Локалниот пат што во должина од само 3,4 километри води до селото, како крак регионалниот пат Долнени–Македонски Брод којшто е целосно руиниран, со ударни дупки кои на места личат на кратери бил само предмет на изборни ветувања. Но, во работната агенда, велат жителите секогаш изостанува.

Овде сте први, ама до Бело Поле, беше и минатиот министер што беше пред вас, но останаа само ветувањата. Сметам дека и понатаму ќе биде исто.
Жител на Вранче.

„Ниту една млекара ни не нафаќа да дојде да го откупи млекото од патот. Во три години, нема три камиони турено со ризла, па за асфалт да не разговараме, тоа можеме само да го сонуваме. Ако продолжи вака, овие наредни години, нема овде да помине нешто што лета, а не возило.“

„Кај нас никогаш пат немало, асфалт, тампон е, и сето е дупки. Еден болен човек не можеме да го изнесеме.“

Со овие бурни реакциите месното население, го пречека, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, или како што велат, првиот владин претставник што воопшто дошол во посета на селото. А, тој ги убедуваше вранчани дека иако локалните патишта не се негова надлежност, ќе им помогне. Па, итно му наложи на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Александар Стојанов веднаш на сметката од локалната самоуправа на Општина Долнени, да бидат трансферирани милион ипол денари.

„За овие 3,4 км веќе финансиите ги има обезбедено и очекува во јуни-јули, да започне тендерот за изградба. Јас внимателно ќе го следам ова, зашто ми го кажува градоначалникот, мислам дека има некоја процедура со Светска банка, околу експропријација, јас лично ќе помогнам. Но, од друга страна јас ќе ви помогнам ќе изнајдам од заштедените средства ќе ви помогнам за останатиот дел од патот“, им вети Мисајловски на вранчани.

На овие ветувања, вранчани изразија целосна недоверба. Тие отворено му го покажаа незадоволството од работата на сите досегашни неостварени ветувања на оваа влада.

„Многу ми е кеф што дојдовте, не дека наеднаш ќе ни помогнете, туку голема работа е овој пат да го изгази министер до Вранче. Овде Вие ќе треба да помогнете да се прави манастир, ова е манастир за нас“.

„Овде сте први, ама до Бело Поле, беше и минатиот министер што беше пред вас, но останаа само ветувањата. Сметам дека и понатаму ќе биде исто. Ние сме веќе луѓе проверени, кои сме виделе и гледаме како одат работите, само со надежи“.

Регираа вранчани, не криејќи го разочарувањето од што како што велат досегашните лаги на власта. Неполни 300 жители на три долненски села: Вранче, Бело Поле и Средорек живеат во каллива реалност, а при секој дожд кал им влегува во домовите. И патот и улиците на овој простор се во катастрофална состојба. Овде забележуваат мештаните, локалната и централната власт доаѓа само за собирање гласови пред избори.