Достапни линкови

Партиски ветувања без доволно аргументи


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Речникот што се користи во политичкиот натпревар, а кој ветува убав живот за граѓаните, е пријатен за слушање, но дека треба да има основа која ќе го поткрепи понуденото, велат експертите.

Со предвреме започнатата изборна кампања, партиите ветуваат решавање на големи егзистенцијални прашања, кои се разликуваат во нијанси и од тие причини нивните ветувања предизвикуваат сомнеж кај граѓаните, дека тоа е вообичаен модел за привлекување што поголемо гласачко тело.

Aко нудите повисоки плати, на каков начин вие ќе стигнете до тие повисоки плати? Идејата не е само да се понуди нешто, да кажеме дека 10, 20 или 30 проценти ќе се зголемат платите, туку како тоа ќе го направите, дали има логична оправданост за тоа, дали имате аргументи како тоа ќе го направите?
Горан Илиќ, универзитетски професор

Програмата на СДСМ содржи мерки, кои, според нив, ќе допринесат за отворање на нови работни места и враќање на бројната и силна средна класа. Оние што живеат од земјоделство ќе бидат ослободени од персонален данок, а целта на СДСМ е укинување на радиодифузната такса и враќање на евтината тарифа на струјата. СДСМ на терен излезе и со една од поатрактивните понуди ветувајќи им на граѓаните дека просечната плата ќе достигне над 29 илјади денари за период од четири години. Исто така во програмската содржина таргет група се младите со ветување дека во земјава ќе ја градат својата иднина.

Експертите оценуваат дека речникот што се користи во политичкиот натпревар, а кој ветува убав живот за граѓаните, е пријатен за слушање и привлекување на приврзаници, но дека треба да има темелна основа која ќе го поткрепи сето она што е понудено и кажано.

„Клучно за Македонија е да има понуда на нови концепти. Тоа значи - ако нудите повисоки плати, на каков начин вие ќе стигнете до тие повисоки плати? Идејата не е само да се понуди нешто, да кажеме дека 10, 20 или 30 проценти ќе се зголемат платите, туку како тоа ќе го направите, дали има логична оправданост за тоа, дали имате аргументи како тоа ќе го направите? Од една страна слушаме дека имаме пренатрупана администрација, а од друга страна слушаме пак исто така дека ќе има покачување на платите. Тоа се концепти кои се контрадикторни едни со други“, вели професор Горан Илиќ.

Исмет Рамадани, за програмата на опозицискиот СДСМ смета дека е преоптимистичка, но тој верува дека нивните ставови наоѓаат поткрепа во тоа што оваа партија ја перцепира државата чекор поблиску до евроатлантското семејство, каде Македонија може да очекува многу подобар стандард за разлика од овој што го живееме во последните неколку години. Тој дополнува дека кампањата на СДСМ мора да соодветстува со онаа на ВМРО-ДПМНЕ, која изобилува со колосални ветувања.

„Мислам дека Македонија со една кредибилна и легитимна власт има добри шанси да добие поголема поддршка од меѓународната заедница, а за една мала земја тоа многу значи и веројатно тука се и очекувањата на опозицијата за сето тоа што тие го прават, вели Рамадани.

Политичките аналитичари исто така велат дека партиите на секои избори предвреме ја започнуваат кампањата, наспроти официјалниот термин кој е 20 дена пред денот на гласање. Глетката и сега не е ништо поразлична од претходните изборни циклуси, водејќи се од максимата дека целта ги оправдува средствата, политиката обременета од политички игри, а партиите, под изговор дека станува збор за редовни партиски активности, граѓаните може да ги пресретнат во нивните градови каде што ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги вкрстуваат нивните кампањи.

Исмет Рамадани посочува дека СДСМ почна да го следи трендот на ВМРО-ДПМНЕ која една година е во кампања и оти неминовно е поголемо присуство на СДСМ пред граѓаните во ситуација кога има политичка криза, а особено кога земјата е во загрижувачка ситуација по објавените бомби на опозицијата.

„Во една ситуација кога државата е во политичка криза, тогаш сите настапи и на опозицијата наликуваат на кампања“, вели тој.

Датумот на изборите засега сè уште е 5 јуни, но изборите не се формално распишани, а паралелно со теренските активности на партиите се прочистува и избирачкиот список во кој беа утврдени голем број аномалии, а за реформи во медиумите договорот не е постигнат. Дел од аналитичарите сметаат дека активностите на терен се единствен начин за да се обезбеди простор на партиите во информативните програми, алудирајќи на опозициските партии кои се маргинализирани во владините медиуми.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG