Најмалку 13 луѓе загинаа, а 35 се ранети, при две експлозии на аеродромот Завентем во Брисел, по што следеше уште една на метро станицата Малебек во близина на европските институции во Брисел, јавија белгиските и западните новински агенции.
Смртоносните експлозии на бриселскиот аеродром биле предизвикани од бомбаш самоубиец, соопшти белгискиот јавен обвинител.
Во Белгија заканата од тероризам е подигната на највисоко ниво. Аеродромот и целиот јавен превоз е затворен.
Белгискиот кризен центар ги советуваше граѓаните да останат таму каде што се наоѓаат. До персоналот на европските институции е испратен совет да останат дома или да не ги напуштаат работните места. Нивото на безбедноста е подигнато на сите европски аеродроми.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Како што јавија белгиските медиуми, експлозиите на аеродромот Завентен одекнале во терминалот за заминување. Според видео снимките се гледаат скршени прозорци и чад.
Аеродромот веднаш беше затворен за летови како и железничкиот транспорт кој води кон аеродромот. Овие експлозии доаѓаат по апсењето на Салех Абдеслам во Брисел.
Тој е првообвинет во случајот за ноемвриските напади во Париз кога беа убиени 130 луѓе.
Министерот за внатрешни работи на Белгија, Јан Jамбон, вчера изјави дека земјата е во состојба на готовност за можна одмазда по апсењето на 26-годишниот Абдеслам.
„Ние знаеме дека запирање на една ќелија може да ги поттикне другите да стапат во акција. Ние сме свесни за тоа“, изјави тој за државното радио.