Протести и помилувања

Весниците анализираат за одлуката на Уставниот суд и за протестите и контрапротестите кои претходеа на одлуката. Сите печатени медиуми информираа и за шестмесечниот извештај на Јанева, за работата на СЈО

Иако се претпоставуваше каква одлука ќе донесе Уставниот суд, сега се знае: „Претседателот ќе може да помилува обвинети за изборен криминал‟. Со овој наслов Утрински ја објави информацијата за решението на врвната судска инстанца. Дневник ја објавува реакцијата на СДСМ дека „Груевски призна дека крадел на изборите по одлуката на Уставен суд да се дозволи аболиција за кривични дела во изборни активности‟.

А во меѓувреме, „Протести и контрапротести – нов тест за демократијата‟ наслови Утрински, а Слободен печат излезе со овој наслов: „Власта организира контрапротести за да се испровоцира конфликт на скопските улици и граѓански судир‟. По повикот на невладината „Ајде‟, инаку иницијатор за протестот, оние граѓани што протестираа против очекуваната одлука на Уставен се разотидоа, така што „‛Бдеењето над уставот‛ е прекинато, протестите минаа без инциденти‟ - информира Утрински. Вечер излезе со следниве наслови: „Се растури протестот на опозицијата, народот останува во одбрана на институциите‟, „СДСМ против народот и институциите‟ или „Додека мигрантите направија упад во државата, Спасовски на чело на бандата против Уставен спроведува деструктивно сценарио на СДСМ‟. Имено, ваквиот наслов е поради присуството на министерот за внатрешни на протестот и поради тоа што наводно не презел никакви мерки кон протестантите. Иако, пред Уставниот суд на левата страна на Вардар, меѓу двете толпи граѓани имаше невидено многу специјалци токму за да спречат „блиска средба‟ меѓу едните и другите.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Бранители на институциите“ и полиција го чуваат Уставниот суд

Дневник и Утрински објавија дека МВР поднело кривична пријава против лидерот на ГРОМ Стефчо Јакимовски поради „спречување или попречување на јавен собир претходно уредно најавен во Министерството. Дневник наоѓа врска меѓу упадот на мигрантите и „квинслишки Уставен‟ дека СДСМ спроведува „сценарио по наредба на главниот штаб на нарачателот со кодно име ‛Чадор‛‟ за наводната крајна цел, промена на името.

Сите печатени медиуми информираа за 6-месечниот извештај на Јанева, за работата на СЈО, во кој се наведува дека „наскоро ќе има и први обвиненија‟, како што наведе Нова Македонија. Слободен печат наслови: „Три истраги, 15 предистраги и долга листа опструкции и сопки за Јанева‟.

Како за крај, интересен податок од Евростат: „За Македонците 223, а за Германците 2.000 литри млеко со минималната плата‟, објави Утрински.