Претседателот на државата ќе може да ослободи осомничени од кривично гонење за изборен криминал, педофилија, силување, трговија на дрога и воени злосторства од кривично гонење. Оваа можност претседателот ја доби со одлуката на Уставен суд за укинување на измените на Законот за помилување од 2009-та година. Одлуката на Уставен суд ќе стапи во сила по објавувањето во Службен весник. Одлуката предвидува да може да се помилува поединечно лице од гонење, потполно или делумно да се ослободи од извршување на казната или, пак, може да му се изрече поблага казна.
Уставните судии со мнозинство гласови ја донесоа одлуката за укинување со аргументи дека законодавецот не смее да дефинира за кои дела може, а за кои не може да се даде помилување. Со тоа, најголемиот дел од уставните судии сметаат дека оспорениот закон предвидува ограничување на користењето на уставната надлежност за помилување, односно дека законодавниот дом преку законски измени се меша во ингеренциите на претседателот на државата кој има право поеднично да одлучува за секој случај. Тоа значи дека нема да биде помилуван секој сторител на овие кривични дела, туку дека претседателот индивидуално ќе одлучува.
Со оваа одлука на Уставниот суд се укинува и Комисијата за помилување која досега имаше советодавна улога и сега според стариот закон претседателот може да се советува со Министерството за правда при одлучувањето за кого ќе даде помилување.
И Собранието и Владата до Уставниот суд доставиле мислење во кое е наведено дека оспорениот закон е во согласност со Уставот. Од Уставниот суд наведуваат дека Судот работи по иницијативи, а ретко по службена должност, па затоа оттаму не сакаат да коментираат зошто токму во овој период се разгледала ваква иницијатива.
Седницата беше одржана зад затворени врати. Од Судот брифираат дека таа одлука ја донела претседателката на судот Елена Гошева.
На оваа одлука реагираше и американската амбасада која на социјалната мрежа Твитер праша „Зошто Уставниот суд одржува затворена седница? Транспаренстноста е клучна за секоја институција.“
Здружението на новинари тврди дека „Одлуката јавноста да се исклучи од седницата е во спротивност со Деловникот на Уставниот суд, каде што е предвидено дека работата на Уставниот суд е јавна“.
Претходно демонстрантите кои себе си се претставуваат како „бранители на институциите“ го напуштија просторот пред Уставниот суд кој го запоседнаа од вчера напладне. Тие го прекинаа протестот откако се прочу дека Уставниот суд одлучил да се укинат измените на Законот за помилување.
Неколку стотици граѓани ја поминаа ноќта пред зградата на Уставен во очекување на одлуката на Судот. Демонстрантите велеа дека нивната цел е да им овозможат на судиите да донесат одлука во полза на народот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Ќе го браниме уставниот поредок и како што ќе одлучат судиите, тоа нека биде. Народот тука е собран да ги одбрани институциите“, вели граѓанин, кој запрашан од која партија е одговара:„Не сум од партија, граѓанско лице сум.“
„Јас не мислам, Судот си ја знае работата, каква и одлука да донесе, ние сме тука да ја почитуваме.“
„Очекувам да заврши овој хаос, измислени и нечесни игри.“
Една од станарките на соседните згради до Уставниот суд се жалеше дека демонстрантите им уриниреле пред влезната врата.
„Тој Стевчо организирал протест, но требало да им обезбеди на луѓето веце“, рече таа.
Протестот за одбрана на институциите уследи по повикот на лидерот на партијата ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, кој рече дека граѓаните мора да бидат подготвени со жив штит да ги бранат институциите. Овој протест дојде како контрапротест на серијата собири на граѓаните иницирани од платформата „Ајде“ кои се противат на измени во Законот за помилување.