Неделници - црни пари и политичка магла

Фокус пишува како да се спречи можниот, последен обид за директно уфрлање црни пари во изборниот процес, Република за тоа дека СДСМ се крие од народот во вештачка магла, а Глобус се осврнува на „закачките‟ помеѓу орелот и крстот.

Фокус - црни пари во изборниот процес

За уводничарот на Фокус, до изборите останува само уште едно отворено прашање. Покрај оние трите основни - прочистување на Избирачкиот список, реконструкција на судскиот систем и обединување на опозицијата и на сите внатрешни ресурси на слободоумната јавност како вовед во креирање победничка клима во опозицискиот табор. Отвореното прашање, потсетува авторот на уводникот во Фокус, е како да се спречи можниот, последен обид за директно уфрлање црни пари во изборниот процес. Ако само дел од нелегално изнесените 5 милијарди евра за 9 години (од 2004 до 2013 година, според организацијата Global Financial Integrity) се вратат во Македонија, тоа ќе биде вовед во масовна корупција што ќе биде очаен, но многу опасен обид за фалсификат на народната волја. Вакво нешто, смета неделникот, ќе биде пресретнато само ако беспрекорно се завршат првите три точки, како предуслов за регуларни избори.

Република - СДСМ се крие од народот во вештачка магла

Уводничарот во Република тврди дека СДСМ „се крие од народот во вештачка магла‟. Па за Заев вели дека имал канибалски инстинкт, и дека првите луѓе во Партијата упорно го опструирале организирањето избори и излегувањето на земјата од политичката криза. А за таа цел, според неделникот, медиумите под контрола на опозицијата упорно креирале нови и нови лаги и шпекулации, не наведувајќи кои, а институциите под контрола на СДСМ не работеле ништо за нивно евентуално докажување. „Сè додека има магла, Заев ќе се чувствува безбеден од народот‟, заклучува уводничарот во Република, повикувајќи се повторно на народот со кого ќе требало да се соочат.

Глобус - закачки меѓу орелот и крстот

Колумнистот на Таленти во најновиот он-лајн Глобус се осврнува на „закачките‟ помеѓу орелот и крстот, со што, како што пишува, народот злосторнички се подбуцнува на национализам, се провоцираат меѓунационална нетрпеливост, омраза и судири, се долева бензин во вжештените празни глави, а сето тоа „за докажани криминалци кои провоцираат судир само за да останат на власт и да продолжат со невидено самоволие да ја разграбуваат и разнебитуваат Македонија‟. „Обидот да се наметне судир меѓу приврзаници на орел и крст е типична провокација, како од учебник‟, вели колумнистот во Глобус, па додава: „Провокацијата на злото почнува од врвот... а на провокаторската коалиција ѝ гори под нозе штом веќе сосема отворено провоцира‟.