Достапни линкови

Бегалците и гласачите во фокусот на весниците


Весниците, секој од свој агол, пишуваат за нерегуларностите во избирачкиот список и за тоа кој е виновен за состојбите. Пишуваат и за регулацијата на медиумите и за затворањето на балканската мигрантска рута.

Актуелни теми што доминираат во печатените медиуми од минатиот четврток до денеска: прочистувањето на избирачкиот список и бегалците заглавени на грчко-македонската граница. А весниците – по старо, оние провладините продолжуваат со негативна реторика и со сопствено толкување на настаните, а ретките кои не ја напуштаат професионалноста, сите два – донесуваат колку-толку информации од повеќе извори за читателите сами да ја откријат вистинската.

Седница на ДИК.
Седница на ДИК.

„Со поплаките растат и сомнежите во списокот‟, насловува Утрински. Истиот весник информира дека СДСМ отворил телефонски број за пријавување нерегуларности во Избирачкиот список што ќе ги проследи до ДИК, а ВМРО-ДПМНЕ во писмено соопштение, објавено исто така во Утрински, пишува: „Телефонскиот број е сценарио за спас на СДСМ‟. Вечер го пренесува соопштението со свој наслов: „Старо алиби, нова ситуација - СДСМ го користи списокот за да избега од избори‟. Дневник исто така со напад врз СДСМ: „За СДСМ сите спорни адреси веќе се фантоми-гласачи‟. Овој текст го објави и Вечер, кој оди и контра: „Се проверува дали фирмите на Заеви се вклучени во изборниот криминал во 2015‟. Дневник во друго издание во наслов пишува: „ДИК засега не може да најде фантомски гласачи‟, за во текстот подолу да дообјасни дека тоа е зашто „проверките сè уште не се завршени‟. Слободен печат напиша: „Павле Трајанов го потврди она што сите го знаат – Со лажни матични броеви е направен вистински хаос во Избирачкиот список‟. Весникот го објавува и сознанието на МВР дека „се детектирани многубројни пропусти во процедурите за издавање лични документи во изминатиот период‟.

Што се однесува до партиските преговори за регулација на медиумите, Утрински информира дека „Реформите во медиумите се во ‛мртва зона‛‟, а Вечер ја пренесува изјавата на посредникот Ванхауте за ТВ Алсат-М дека „До изборите нема средби на работните групи затоа што тие не се заинтересирани да продолжат‟. Во тој контекст, Вечер повторно напаѓа: „Медиумите блиски до СДСМ, а финансирани од Сорос, не ја кажуваат вистината‟.

„Балканската рута е затворена‟, откако Словенија, Србија и Македонија ги затворија границите и најавија пропуштање на лица само со регуларни патни исправи, и „Грција се полни со бегалци и мигранти – во Идомени моментално има 13.000 бегалци‟, објавија сите печатени медиуми.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG