Членовите на Државната изборна комисија на денешната седница едногласно го изгласа упатството за теренската проверка на избирачкиот список. Претходно, членовите на ДИК одлучија дека пријавите од граѓаните за неправилности во избирачкиот список нема да бидат земени предвид при утврдувањето на упатството.
Преку интернет апликацијата за избирачкиот список, досега имало околу 3.000 пријави за неправилности од граѓани, а Комисијата разгледала помалку од една четвртина од нив, односно 683.
Членот на ДИК предложен од СДСМ, Игор Милев, предложи теренска проверка да се прави и по пријавите на граѓаните, откако ДИК ќе ги разгледа, а Бедредин Ибраими, кој е предложен од ДПА, го прифати неговиот предлог, но под услов граѓаните со пријавата задолжително да достават и документација која ќе послужи како доказ, но и двата предлози беа одбиени од мнозинството членови на Комисијата - предлогот на Милев со три гласови за и шест против, додека сите останати членови на ДИК гласаа против предлогот на Ибраими.
Дискусијата се водеше околу начинот на проверување на пријавите на граѓаните, дали тие да се третираат како барања или, пак, по службена должност. Ако се разгледуваат како барања, тогаш постапката ќе се усложни и пријавувачот ќе има низа постапки пред себе во кои мора да докаже некоја неправилност. Другиот начин е ДИК да ги разгледува по допрен глас и по службена должност да решава по нив во соработка со соодветна институција.
По речиси двочасовната пауза, членовите на ДИК вечерва одлучија да ја одложат седницата.
Преку интернет апликацијата за избирачкиот список, досега имало околу 3.000 пријави за неправилности од граѓани, а Комисијата разгледала помалку од една четвртина од нив, односно 683. Правната служба во Комисијата ќе ги разгледува пријавите, по што најспорните ќе бидат разгледувани на седница на ДИК и допрва ќе се договора како да постапи со нив.
Пријавите на граѓаните, како што соопшти ДИК, се однесуваат за лице кое не е државјанин на Македонија, лице кое не поседува важечка лична карта или патна исправа, лице кое нема наполнето 18 години, лице кое е на привремена работа или престој во странство, лице кое има живеалиште на друга адреса, а претходно имало живеалиште на дадената адреса, лице кое е починато, лице кое не живее на одредената адреса, а нема податок дека има друго живеалиште.
Граѓаните на социјалните мрежи постојано споделуваат информации за „натрапници“ на своите адреси, иселени лица, починати гласачи, нелогичен број на станари на еден стан, регистрирани гласачи на адреси на институции, како и на амбасади.
Во моментов во ДИК траат вкрстените проверки на бази на податоци од различни институции, а Комисијата најави дека првите резултати од тие проверки е можно да се објават викендов. По тоа треба да следи теренската проверка на проблематичните прашања што ќе произлезат од вкрстеното проверување.
Државна и осум локални работни групи на МВР ќе одговараат на барања на ДИК
Пред седницата, членовите на ДИК се сретнаа со премиерот Емил Димитриев. По средбата, Димитриев рече дека Министерството за внатрешни работи ќе формира работна група на државно ниво и осум на локално ниво коишто на дневна основа ќе одговараат на барањата на Државната изборна комисија, во врска со прашања поврзани со предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни.
На средбата присуствуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Чавков, заменик-министерот за внатрешни работи Земри Ќамили, заменик министерката за правда Билјана Бришковска Бошковски, како и претставник од Управата за водење на матични книги.
„Сите шпекулации околу избирачкиот список, можам да кажам дека се вештачки пласирани, бидејќи од она што го чув од ДИК, сето ова од аспект на пријави на граѓани во избирачкиот список е лесно проверливо, рече Димитриев.
Опозицијата наоѓа фантомски гласачи, власта обвинува дека си бараат алиби
СДСМ денеска соопшти дека на телефонската линија што ја отворила партијата (02/3293-109) граѓаните пријавувале бројни неправилности во Избирачкиот список.
„Во текот на вчерашниот ден, на телефонскиот број што го отвори СДСМ пријавени се овие неправилности на избирачкиот список - 750 фантомски гласачи на домашни адреси на граѓаните, 47 непостоечки станови, 14 непостоечки влезови, 112 иселени граѓани, 7 гласачи запишани на адреси на државни институции и деловни простории. Хаосот оди дотаму, што и на адресите на државните институции и училиштата се запишани лица со право на глас“, се вели во соопштението од СДСМ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека ова е ново сценарио за спас на раководството на СДСМ со три цели: алиби за да ги одложи изборите, алиби за да избега од избори или алиби за да не ги признава резултатите од изборите.
Партијата посочува дека СДСМ бесрамно лажеле дека има фантомски гласачи во домовите на пратениците Даниела Рангелова, Димитар Стевананџија и Павле Саздов.
„Откако не успеаја овие измислици, медиумите под контрола на СДСМ започнаа да се повикуваат на јавувања од анонимни граѓани кои виделе фантомски гласачи во своите домови“, се наведува во реакцијата на владејачката партија.
Сто илјади фантомски гласачи или привид за хаос во избирачкиот список
Претседателот на СДСМ Зоран Заев смета дека нерегуларностите кои граѓаните ги пријавиле во врска со Избирачкиот список предизвикуваат загриженост и притоа изрази надеж дека Државната изборна комисија ќе има доволно време да го прочисти и да обезбеди фер избори. Тој рече дека очекува „повеќе од 100 илјади сомнителни или таканаречени неконзистентни податоци од самите бази на податоци“.
„Оваа власт не само што ги крадела парите на граѓаните, туку ги крадела и гласовите на граѓаните“, изјави Заев при посетата на Крива Паланка.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пак, изјави дека СДСМ се обидува вештачки да создаде привид дека има некаков хаос и неправилности во Избирачкиот список, сè со цел да си создадат алиби за својот неуспех затоа што се свесни дека мнозинството граѓани не сакаат да гласаат за нив. Тој рече дека гласачи на избори се сите лица кои имаат државјанство, а не оние кои живеат „на онаа или оваа адреса“.
„Кривично дело би било доколку едно лице гласа на две места, но во овој случај немаме таква ситуација, само имаме дека некој граѓанин се преселил од едно на друго место, а не ја пријавил адресата во МВР, најчесто затоа што и не знае дека треба да се пријави“, рече Груевски.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, со соопштение реагира дека Заев знае оти нема никакви фантоми или неконзистентни гласачи.
„Сите тие се државјани на Република Македонија со право на глас, по принципот еден човек еден глас, запишани само еднаш во единствениот Избирачки список“, се наведува во реакцијата.