ДУИ во шатори против изградбата на крст во Бутел

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Демонстрантите ја урнаа оградата околу темелите за крстот во Бутел

Активисти на владејачката ДУИ насилно ги урнаа тарабите на местото каде што требаше да се гради 55-метарскиот крст во скопски Бутел, запалија една палма и поставија шатори во кои ќе кампуваат сè додека не се смени одлуката за изградба на крстот.

Група демонстранти на протестот предводен од владејачката ДУИ насилно ги урнаа тарабите на местото на кое се гради 55-метарски крст во скопската населба Бутел и поставија албански знамиња и шатори во кои веројатно ќе кампуваат. На протестот излегоа неколку илјади граѓани кои беа предводени од челниците на ДУИ. Тие се противат на изградбата на крстот во скопската населба Бутел.

Оваа невалидна одлука на Општина Бутел е провокација кон сите Албанци во Република Македонија и затоа на овој собир, на овој протест нема партиско знаме, иако е организиран од ДУИ, туку има само албанско знаме за да изразиме револт сите како Албанци кон оваа одлука, бидејќи со ова се провоцираат етничките и верските односи во Република Македонија.
Изет Меџити, градоначалник на Општина Чаир

Градоначалникот на Чаир Изет Меџити изјави дека не планираат да се тргнат од местото. Тарабите беа урнати додека функционерите на ДУИ даваа изјави за новинарите. Поединци ги спречуваа новинарските екипи да го снимаат настанот, а демонстрантите запалија и една палма, а потоа ги запалија и тарабите од оградата. Иако имаше бројно полициско присуство, полицијата не реагираше кога демонстрантите ја отстрануваа оградата каде беа поставени темелите за крстот.

„Оваа невалидна одлука на Општина Бутел е провокација кон сите Албанци во Република Македонија и затоа на овој собир, на овој протест нема партиско знаме, иако е организиран од ДУИ, туку има само албанско знаме за да изразиме револт сите како Албанци кон оваа одлука, бидејќи со ова се провоцираат етничките и верските односи во Република Македонија“, рече Меџити, кој беше на чело на протестот заедно со сегашни и поранешни високи функционери од неговата партија, како Ермира Мехмети, Талат Џафери, Артан Груби, Бујар Османи и други.

Тој додаде дека со ова се нарушува Рамковниот договор и дека нема да престанат да протестираат.

„Овој протест не застанува тука, бидејќи оттука не си одиме, тука ќе се стационираме сè додека не се одложи оваа одлука којашто не оди во прилог на сите граѓани на Република Македонија“, рече Меџити.

Протестот почна пред стадионот во Чаир. Демонстрантите вееја албански знамиња и носеа транспаренти на кои пишуваше: „Политиката надвор од верата“, „Не сакаме Скопје што ќе се претвори во Белфаст, Ерусалим или Бејрут“, „Ова е клин, а не крст“, „Оваа земја е секуларна“...

Неколку дена пред почетокот на изградбата на крстот, во населбата Топанско Поле во Скопје беше поставен споменик на двоглав орел.