Достапни линкови

Орел и крст за замаглување на корупцијата


Бутел ќе добие висок крст, откако Топанско доби двоглав орел. Аналитичарите велат дека крстот е одговор на орелот и дека и двата споменици се во функција на партиски рејтинзи.

Пред десетина дена во скопско Топанско поле никна споменикот на двоглав орел, а викендов во соседна населба Бутел ќе се постави камен темелник за 55 метарски крст. Настанот за утре на социјалните мрежи се најавува како семакедонски и сеправославен собир. Оној пак за двоглавниот орел на кој присуствуваше и лидерот на ДУИ Али Ахмети беше масовно посетен.

Споменик на двоглав орел во Топанско Поле. Фото: ТВ Телма.
Споменик на двоглав орел во Топанско Поле. Фото: ТВ Телма.

Конфликтот со симболи е познат и во теоријата и во праксата и праќа порака чија е територијата, вели професорката Мирјана Малеска. Партиите играат на картата на делби и на чувствата на луѓето и тоа се употребува пред избори, оценува таа.

Оваа логика на власта е веќе позната, пред сите избори правеа меѓуетнички тензии оти им требаат како партиски капитал. Но не подлегнуваат веќе граѓаните, затоа што се е јасно и целта и мотивите и се што се прави.
Алајдин Демири, политички аналитичар.

„Мислам дека ситуацијата денес е малку поинаква, значи нема да исчезнат етничките теми и подгревања на тензиите пред избори бидејќи луѓето ги имаат тие патриотски чувства, а партиите знаат убаво или интуитивно, но знаат дека тоа носи гласови, но ситуацијата денес мене лично ми изгледа, како граѓани како граѓанство разбравме дека некои теми од типот какво е владеењето, какви се владејачите, како се однесуваат, дали ја узурпираат или не власта им се поважни “, вели Малеска.

За аналитичарот Алајдин Демири немало дилема дека крстот всушност е директен одговор на орелот, а двата се во функција на партиските рејтинзи. Но и тој како и професорката Малеска смета дека овој пат работите се поинакви.

„Оваа логика на власта е веќе позната, пред сите избори правеа меѓуетнички тензии оти им требаат како партиски капитал. Но не подлегнуваат веќе граѓаните, затоа што се е јасно и целта и мотивите и се што се прави“, вели Демири.

И на минатите предвремени парламентарни избори кои се одржаа заедно со претседателските пред околу две години повторно тема беа меѓуетничките несогласувања откако ДУИ излезе со барање за консензуален кандидат за претседател што за ВМРО-ДПМНЕ не беше прифатливо. Владејачката партија тогаш настапи со барање за поддршка за да не биле условувани а ДУИ повика да не се гласа за кандидатот Ѓорге Иванов.

Во меѓувреме аналитичарите предупредуваат дека не само што се засилуваат меѓуетничките поделби туку и поделбите внатре во самите заедници, особено меѓу Македонците.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG