Правда, соживот и бегалци

Новите предистражни постапки на Специјалното јавно обвинителство, меѓутеничките тензии кои настанаа по поставувањето на новите споменици и еслакалцијата на бегалската криза се главата тема за весниците.

Во провладините медиуми не престанува хајката против Катица Јанева. „Специјална наредба за специјалната обвинителка‟ насловува Вечер за да додаде: „Заев оком, Катица скоком: Отвора истраги за сè живо и диво‟ со цел, како што пишува, „оцрнување на личности од ВМРО-ДПМНЕ‟. Дневник потсетува дека е „Заборавен списокот за снимките на Заев – Аневски и Советот замолкнаа за извештајот на Јанева‟. Утрински информира дека Јанева бара „Законски измени поради попречување на правдата‟. Специјалното обвинителство соопшти дека отвора нови 13 предистражни постапки, а се пожали и на многубројни опструкции од институциите, поради што најавува претставки и воведување ново кривично дело – попречување на правдата.

Политичарите, грижејќи се само за себе, не гледаат дека на граѓаните им требаат вработување, а не верски или национални симболи.
Утрински весник.

Утрински информира и дека повторно е одложено судењето за случајот „Пуч‟ затоа што Јанева побарала одложување поради неприсуство на сведокот Никола Груевски и недоставување на предметот на Специјалното обвинителствосо изговор од Судот дека во него има класифицирани информации. Истиот весник ги објавува и изјавите на Заев дека „Судот не сака да ја утврди правдата‟, писменото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ дека „Заев и Јанева сметаат дека се над судот и законот‟, а и изјавата на Груевски дека „Не добил никаква покана за судското рочиште за ПУЧ‟. Вечер оди со наслов дека „Катица прави свадба, судењето за ПУЧ наместо во април закажано за во мај‟.

Само Утрински и Слободен печат информираа за протестите на стотици граѓани пред Уставниот суд кои побараа оставки од уставните судии кои ја изгласаа иницијативата претседателот на државата да може да помилува осуденици за изборни злоупотреби. Слободен печат наслови: „Кога судии бранат криминал, граѓаните го бранат Уставот‟.

„Работа и соживот наместо орли и крстови‟ - ја наслови Утрински статијата во која анкетирани граѓани на Чаир и на Бутел велат дека политичарите, грижејќи се само за себе, не гледаат дека на граѓаните им требаат вработување, а не верски или национални симболи. Слободен печат уште подиректен: „Крстот од Бутел ги затегнува меѓуетничките односи‟.

Состојбите со бегалците на грчко-македонската граница се усложнува. „Солзавец, шок-бомби и камења на границата кај Гевгелија‟ - информира Утрински кој ги пренесува информациите на УНЦХР дека за влез во Македонија чекаат над 6.000 бегалци и мигранти. Вечер наслови: „Тензично на Идомени: Мигрантите се пробиваат преку жица, полицијата ги враќа со солзавец‟.