Спроведувањето на Договорот од Пржино со кој треба да се обезбедат фер и демократски избори е на агендата на разговори на заменик-помошникот државен секретар за Европа и Азија во американскиот Стејт департмент, Хојт Брајан Ји кој два дена во Македонија се состанува со клучните политички и општествени актери за актуелните прашања.
Ји покрај со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА разговара и со претседателот Ѓорге Иванов, а според некои информации утре ќе се сретне со премиерот Емил Димитриев, по што би имал и изјава.
Ова е погоден момент за посета на претставник на американската администрација од Вашигнтон, смета аналитичарот Алберт Муслиу.
„Сега треба да се избрзаат сите процедури околу трите точки кои ги бараа Европската унија и САД во врска со подготовките за изборите, а тоа се медиумите, избирачкиот список и одвојувањето на партијата од државата и мислам дека дел од неговата мисија ќе биде исто така и охрабрување на нашите институции да ја зголемат поддршката на Специјално јавно обвинителство, нели гледаме дека последниве денови имаме општ напад како од медиуми, така и од институции врз нејзината работа“, вели Муслиу.
Американскиот политичар која сега е во Скопје всушност е заменик на Викторија Нуланд, која е помошник државен секретар на САД. Таа пак беше активно вклучена во разговорите за постигнување на Договорот од Пржино, а по потпишување на вториот документ од 15 јули еврокомесарот Јоханес Хан нагласи дека за тоа била известена и самата Нуланд. Таа вечер беа договорени повлекувањето на Груевски, именувањето на министрите и замениците од СДСМ, формирањето на Специјалното јавно обвинителството. Ова пак е втора посета на Ји од кога почна политичката криза. Тој во Скопје беше лани во април.
„Мислам дека Ји беше вклучен во процесите и пред Договорот од Пржино. Тој е добар линк со американската администрација и со амбасадата во Скопје, но мислам дека неговото лично присуство е со цел да се охрабрат нашите институции, да добијат подобри информации и да го зголемат нивото на присутност“, вели Муслиу.
Американската дипломатија е постојано вклучена во реализирањето на договореното и преку амбасадорот Џес Бејли, кој заедно со неговиот колега од Европската унија Аиво Орав дадоа оценка дека не се исполнети за изборите на 24 април. Вечерта во пресрет на одлуката на парламентот за одложување на изборите во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ дојде и самиот Бејли на разговори со раководството.