Достапни линкови

Малески: Криза на системот, криза на демократијата


Денко Малески, универзитетски професор, поранешен министер за надворешни работи.
Денко Малески, универзитетски професор, поранешен министер за надворешни работи.

Странците само до некаде можат да ни помогнат, бидејќи основната работа ќе мора да ја завршиме ние. Не е можно да очекуваме да речеме американскиот претставник да ни понуди да дојдат американски судии да судат за нас или американски политичари да носат одлуки, вели професор Денко Малески.

Професор Малески, како ја оценувате неодамнешната посета и пораките на американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија, Хојт Ји, во Македонија.

Она што нам ни се случува веќе подолго време, не е само проблем на односи меѓу две партии. Во прашање е криза на системот, криза на демократијата во Македонија и како таа демократија да се обнови. Оваа авторитарна тенденција која сите овие години јакнеше на сметка на демократската, доведе до нешто сосема логично за земји кадешто власта не е под демократска контрола, имено извитоперување, корупција, и се она што следи од ситуација на неконтролиран власт. Сега односите се толку поларизирани меѓу двете партии, што странците кои доаѓаат, вклучително и американскиот претставник Хојт Ји настојуваат некако да помогнат да се премости тој јаз.

Колку во ваква ситуација и во овие услови кои ги опишавте, странците можат да ни понудат готово решение за излез од кризата?

Тука странците само до некаде можат да ни помогнат, значи претставниците на Америка и на Европската унија, бидејќи основната работа ќе мора да ја завршиме ние, не е можно да очекуваме да речеме американскиот претставник да ни понуди да дојдат американски судии да судат за нас или американски политичари да носат одлуки, затоа ситуацијата е многу тешка, би требало македонските политичари да се раководат од европските стандарди во разрешување на кризата, би требало да има политичка одговорност за ваквото поведение и потоа се разбира утврдување на проблемите кои довеле до создавање на центар за прислушување во Македонија, кој тоа го направил итн.

Како да ги сфатиме пораките на Хојт Ји, како критички, како директни? Дали тоа беа балансирани изјави? Како ви се чини на вас?

Не сум сигурен како таа порака ќе влијае врз разврската на нашата ситуација, бидејќи ние се уште сме во некоја средина на одмотување на оваа клопче, но се надевам дека барем пораките од Америка до нашите политичари ќе бидат да се воздржат од секаква репресија еден кон друг, од секакво насилство, тоа водачите да го кажат и на своите политички следбеници и да се обидеме внимателно да излеземе од оваа криза користејќи ги, она што го советува американскиот претставник, инструментите на демократијата, инструментите на демократска разврска на кризата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG