Грција лута на ЕУ околу мигрантите

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Грција лута на ЕУ околу мигрантите

Грчкиот премиер Алексис Ципрас побара од земјите на ЕУ да ги почитуваат одлуките за поделба на товарот од мигрантската криза. Австрија, и покрај критиките од Грција и УНХЦР, презеде нови потези за координирање на граничните рестрикции на Балканот со што се интензивира проблемот со мигрантите во Грција.

Нема да прифатиме земјата да ни се претвори во постојано стовариште на мигранти додека Европа продолжува да функционира како ништо да не се случува, изјави Ципрас во грчкиот парламент. Тој додаде дека некои членки не само што креваат огради на границите, туку не прифаќаат ниту еден мигрант.

Ципрас оцени дека постојните договори во Европската унија за прифаќање на мигрантите и бегалците треба да бидат спроведени без натамошно одлагање.

Во спротивно, како што рече, Атина ќе ги блокира идните договори.

Некои земји изгледа не сфаќаат дека нашите заеднички договори, или се спроведуваат, или не се договори. Никој не може да заборави дека во минатото лето Грција се најде на работ да биде исклучена во име на заедничките правила.
Алексис Ципрас, премиер на Грција

Во септември евро-лидерите одобрија трансфер на околу 66 илјади баратели на азил од Грција во осум членки на Европската унија.

Меѓутоа, пет месеци подоцна, според УНХЦР, тоа билo направено само за 318 луѓе.

Премиерот Ципрас најави дека ќе се состане со лидерите на грчката опозиција за да изградат заеднички став пред претстојниот самит на Унијата во март кој е посветен на мигрантската криза.

Претходно тој за кризата разговарал и со германската канцеларка Ангела Меркел при што се согласиле дека треба да бидат интензивирани напорите за спроведување на одлуките на Унијата и за итен почеток на операцијата на НАТО против шверцерите на луѓе на Егејско Море.

Акцијата договорена во Виена меѓу земјите од таканаречената балканска мигрантска рута, заедно со најавата на Унгарија за референдум околу плановите на Унијата за задолжителните квоти на мигранти, претставува уште еден удар врз напорите предводени од Германија за заедничко решение на кризата која се заканува да ја минира кохезијата во Европската унија.

„Некои земји изгледа не сфаќаат дека нашите заеднички договори, или се спроведуваат, или не се договори. Никој не може да заборави дека во минатото лето Грција се најде на работ да биде исклучена во име на заедничките правила “, изјави Ципрас, мислејќи на договорот за финансиска помош од 85 милијарди евра што неговата левичарска влада го потпиша во август со странските кредитори.

Остри критики на состанокот во Виена упати и грчкиот министер за миграции Јанис Музалас:

„Иднината на Европа е во прашање кога одлуките донесени од страна на премиерите може да бидат променети од пет полициски началници или пет земји кои донесуваат свои одлуки. Ние длабоко жалиме што Австрија ги поттикнува овие активности“, рече министерот Музалас.

Во декларацијата од виенскиот состанок се наведува дека приливот на мигранти на балканската рута треба значително да биде намален. Тоа ќе се прави, меѓу другото и со одбивање на влегување на сите кои немаат валидни патни документи.