Расте вредноста на имотот на битолскиот градоначалник

Владимир Талески, градоначалник на Општина Битола

Опозицискиот СДСМ обвини дека градоначалникот на Битола Владимир Талески се збогатил за 50 илјади евра. Тој одговори дека сè што поседува го стекнал на законски начин.

Битолскиот градоначалник во анкетниот лист со податоци за имотната состојба доставен до Антикорупциската комисија во 2015 година пријавил трет стан со зголемена вредност од два милиони денари. Вакви обвинувања на адреса на градскиот татко на Битола упати Благојче Котевски, советник во Општина Битола од редовите на СДСМ.

Дали според овој имотен лист можеме да кажеме дека на половина трет мандат Талески успеал да заработи, односно да пријави околу 50 илјади евра зголемување на неговиот имот?
Благојче Котевски, советник во Општина Битола од СДСМ

„Ова е имотниот лист на Влaдимир Талески од 2015 година на половина од неговиот трет мандат. Во споредба со неговиот имотен лист од 2013 година, станот од 70 метри квадратни е тука, станот од 52 метри квадратни е тука, станот од 46 метри квадратни е заменет со друг стан за кој нема назначено квадратура, но има назначено зголемена вредност од 2 милиони денари. Возилото е тука, накитот од скоро 6.000 евра е тука, заштедата од 60.700 евра е тука, како и исплатениот кредит од 16.410 евра“, изјави Котевски.

Тој јавно запраша како Талески успева да ги покрие трошоците за живот и да заштеди поголема сума пари.

„Дали според овој имотен лист можеме да кажеме дека на половина трет мандат Талески успеал да заработи, односно да пријави околу 50 илјади евра зголемување на неговиот имот? Дали со новиот имотен лист од 2015 година Талески само ја потврдува умешноста да ги покрие сите месечни трошоци за живот и да заштеди над 2.000 евра? Се поставува прашањето дали освен неговите лични примања и примањата на неговиот брачен другар има и други примања за кои Антикорупциската комисија не е информирана?“, праша Котевски.

Тој, на прес-конференцијата што ја одржа пред општинската зграда каде е и кабинетот на Талески, ги презентираше сите три имотни листови што градоначалникот ги доставил до Комисијата во 2009, 2013 и 2015 година, обвинувајќи дека на нив се гледа дека расте неговата имотна ситуираност. Во имотниот лист од 2009 година Талески пријавил два стана и возило рено лагуна, а во 2013 и 2015 плус еден стан, накит и банкарски депозити.

На ова со писмена реакција се огласи градоначалникот Талески, истакнувајќи дека опозицијата се обидува со истите шпекулации да ја манипулира јавноста, а за имотот напиша дека му е законски стекнат.

„Темите кои постојано ги наметнува по кој знае кој пат, им се единствената причина за сопственото постоење и силна причина да го појават својот анонимен сурат во јавноста. Мојата имотна состојба е регуларно стекната, регуларно пријавена во Антикорупциска комисија и регуларно е потврдено потеклото на мојот имот од УЈП. Мојата работа е законска и во моето работење не постои криминал“, напиша Талески.