„Ненаучена лекција“ на групата КУНСТВЕРКШТАТ во Кино Култура

„Ненаучена лекција“, работена според текстови на Ежен Јонеско, е претставата на театарската трупа Кунстверкштат при Медиа/Арт клубот Скопје на Младински образовен форум, што ќе биде прикажана овој вторник, на 23 февруари, со почеток во 19.00 часот, во рамките на програмата „Слободна сцена“ на Кино Култура.

Колку често помислуваме дека можеме да ги смениме нештата околу нас, но одбираме да се претопиме со местото каде што ни е најпријатно и најпознато? Колку често сакаме да исчекориме напред, но сепак го одбираме веќе изодениот пат, оној во кругот, вртејќи се околу повторливото секојдневие, без храброст да го пробиеме?

Групата е формирана од љубители на театарот. Луѓе кои што не се занимаваат професионално со глума, меѓутоа кои сакаат да работат на театар и ги интересира таа уметност.
Петар Антевски, Кунстверкштат.

Ова се прашањата што во својот прв поголем проект „Ненаучена лекција“, претстава работена според класичните текстови „Ќелавата пејачка“ и „Лекцијата“ на големиот Ежен Јонеско, ги поставуваат Марина и Ангел Таневски, Константина Миновска, Дејан Јованов, Срна Дуковска, Петар Мукоски, Ивона Кузмановска, Ива Цветановска, Јана Бангиева и Петар Антевски, сите членови на театарската трупа Кунстверкштат која делува при Медиа/Арт клубот Скопје на Младински образовен форум.

Станува збор за група на млади ентузијасти и љубители на театарот, друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критична мисла. Кунстверкштат започнале со работа во февруари 2014 како интерактивна работилница за перформанс и до сега имаат настапувано на повеќе настани како „Кој се плаши од молкот лош?“, конференцијата за друштвени медиуми и активизам „Engage”, Skopje Creative Hub, окупацијата на УКИМ „Автономна зона“ како и на самостојните изведби на своите перформанси.

„Ненаучена лекција“ е првата нивна поголема сценска пројава чија премиера се случи на 11 декември во Велес, по што беше прикажана и на кратката турнеја по Македонија во чии рамки ја виде публиката во Неготино, Струга, Тетово и во Скопје.

„Групата е формирана од љубители на театарот. Луѓе кои што не се занимаваат професионално со глума, меѓутоа кои сакаат да работат на театар и ги интересира таа уметност. Значи, ја чинат аматери, глумци, режисери, ентузијасти ...млади луѓе што сакаат да се дружат, разменуваат идеи, разменуваат мислења и играат заедно, индивидуи кои сакаат да направат нешто што би имало критички осврт на општеството во кое што живееме денес преку театарот“, вели Петар Антевски, гласноговорник на Кунстверкштат.

За претставата истакнува дека во неа е исмеан пластичниот однос помеѓу луѓето во секојдневието - механички повторлив и празен. Појаснува дека „Ненаучена лекција“е „провокација и поттик да се излезе од веќе прастариот дијаметар во кружницата во која се движиме секој ден, да го ставиме прстот на челото, да размислиме, заедно под рака, со другиот, и да ја научиме нашата задача во општеството во кое не смее безгласно да вегетираме.“

Конечно, на крилјата на подршката што ја добиваат од МОФ и пред се сопствениот ентузијазам, Кунстверкштат, по презентацијата во Кино Култура, продолжуваат со својот ангажман што подразбира дека ги привршуваат подготовките во одбирот за новиот текст што ќе поставуваат на сцена. Не е исклучено, притоа, да посегнат и по нова предлошка на некој од младите македонски драмски автори.

Од друга страна, овој настан што е поддржан Проект на УСАИД за граѓанско општество и за кој влезот е слободен, е само уште еден од низата во рамките на програмата „Слободна сцена“ на Кино Култура. Нешто пред тоа публиката имаше можност да ги проследи детската претстава на Колектив Ветерница, „Ќе има (ли) војна“ на Ивана Атанасова ...а Контра-кадар го освоија просторот секој понеделник да нудат филм и дискусија по него.

Билјана Тануровска Чулавковски појаснува дека како дел од програмата на Локомотива, во соработка со Номад танц академија – Македонија, во Кино Култура се планираат и неколку активности за промоција на прирачници за воспитувачи во градинки кои се наменети за поттикнувања и развој на програми за децата преку танц и театар а се дел од поголемиот проект наречен „Генератор“.

„Потоа следува една меѓународна работилница на кореографии именувана како „Постоење“, по што ќе биде реализиран и краток фестивал, а во догледен период планирано е ново прикажување на претставите кои се дел од програмата „Навигатор“ - „Ајншатјновите соништа“, „Солун град на духови“ и „Лерин“. Се надевам дека ова ќе биде успешно завршување на зимата во Кино Култура и потоа се подготвуваме за плодна пролет со многу повеќе програмски целини.“

Кон ова само уште информацијата дека, на почетокот од март, Театарот на Навигаторот Цветко со „Солун град на духови“ на Слободан Унковски ќе има гостување на реномираниот фестивал „Сараевска зима“ во Босна и Херцеговина.