Одбиени се барањата на Специјалното јавно обвинителство за мерка притвор, соопшти денеска Основиот суд Скопје 1.
Основниот суд Скопје 1 информираше дека судијата на претходна постапка кој вчера ги распитуваше осомничените за изборна криминализација меѓу кои и градоначалникот на Пустец – Едмонд Темелко и екс-министерот за транспорт Миле Јанакиески не побарал притвор за ниту еден од испитаниците.
Од сослушаните четворица осомничени, Судот оценил дека се одбива предлогот за притвор за сите, а за Темелко определена е превентивна мерка, јавување во Судот во Ресен еднаш неделно, поради здравствената состојба на лицето.
По однос на другите три лица одлуката на судија на претходна постапка е дека предлогот се одбива. Причините за оваа одлука се наведени во образложението, за кој е дозволена рок за жалба во рок од 24 часа и со оглед на тоа дека не се правосилни не може дополнително да се коментира, а кога ќе бидат правосилни ќе бидат објавени на страната на судот.
Од Судот соопштуваат дека од понеделник на распит ќе треба да се појават уште петмина осомничени, меѓу кои и поранешна министерка за внатрешни работи. За нив адвокатите приложиле авионски билети како докази дека се на пат.
Специјалното Јавно Обвинителство најави жалби до Судот откако судиите ги напишаа решенијата со кои ги ослободуваат од притвор осомничените во случајот „Титаник“.
Во фејсбук статусот СЈО наведоа дека Кривичниот суд пропуштил шанса да влезе во историјата на Република Македонија и дека следуваат жалби.За жалбите треба да одлучува Кривичниот совет во одделението за организиран криминал.
Судскиот распит за Јанакиески и Темелко и уште двајца осомничени вчера, следуваше откако Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим побараа притвор за осум лица и итно приведување на еден од нив поради изборна криминализација во рамките на првата акција на Специјалното обвинителство, наречена „Титаник“ и за едно лице во истрагата за предметиот „Чаир“.
СЈО вчера соопшти дека е отворена истражна постапка под името „Титаник“ против повеќе лица за неколку кривични дела: злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување на изборен материјал и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.
Утрината, околу три часот по полноќ во Основниот суд Скопје -1 заврши распитот на екс министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.
Темелко денеска изјави дека неговото приведување било без судски налог, а на случајот му даде политичка димензија.
Откако Судот ги Одби барањата на Специјалното јавно обвинителство за мерка притвор, реагираа дел од политичките партии.
Либерално-демократската партија денеска апелираше итно да се формира Специјален суд кој ќе ги процесуира обвиненијата на СЈО.
Предупредуваме дека „сваровски“ судството и воопшто системот, кој во сите нивоа на судската власт десет години по своја мерка го градеа Груевски и фамилијата, може „низ вода“ да ја пуштат работата и трудот на специјалните обвинители во предметот „Титаник“. Укажуваме на потребата од итно дополнување на Договорот од Пржино со формирање на Специјален суд, со помош на меѓународната заедница, кој ќе ги почитува стандардите на транспарентност, независност и владеење на правото, се вели во партиското соопштение.