Достапни линкови

Пораките за поддршка на СЈО не допираат до партиите


ЕУ и мисијата на САД во ОБСЕ побараа да запрат нападите врз Специјалното обвинитество. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Обвинителството не треба да биде над Уставот и законите, а од СДСМ дека пораките не се до нив, туку до Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ го поддржа формирањето на СЈО, но ќе инсистира на фактот дека никој не е над Уставот и законите на оваа земја, коментираат од владејачката партија откако мисијата на САД во ОБСЕ, а потоа и мисијата на ЕУ побараа да престанат нападите врз специјалната обвинителка Катица Јанева.

„Целата јавност уште во декември беше сведок дека сопругата на Зоран Верушевски, која исто така е обвинета во случајот Пуч, јавно му се заблагодари на Зоран Заев, затоа што СЈО не побаралo да му биде продолжен притворот. Минатата недела бевме сведоци на невиден политички настап на лидерот на СДСМ кој во име на СЈО најави обвиненија и притвори. За жал не видовме никакво оградување или демант од СЈО. Ваквото мешање на политиката во работата на СЈО и нетранспарентноста го поткопаа кредибилитетот на институцијата и фрлија длабока сенка на непристрасноста и објективноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, на прашањето како ги коментираат ваквите пораки.

Од СДСМ, пак, на истото прашање велат дека ваквите пораки не ги доживуваат како наменети за нив, оти на сите им станало јасно дека Никола Груевски сакал да ја одбегне одговорноста.

„Јасно е дека неговата намера е да се распадне целиот процес што произлезе од Договорот од Пржино зошто тоа е единствениот начин да ја одбегне одговорноста“, велат од СДСМ.

Според политикологот од ФОН Митко Гаџовски ваквите пораки на странските дипломати не стигнуваат до партиите, особено до владејачката, која, според него, стоела зад поголем дел од нападите врз обвинителката.

„Овие напади кон Катица Јанева и понатаму сметам дека ќе продолжат од причина што ВМРО-ДПМНЕ директно се засегнати од работата на Специјалниот јавен обвинител. Така што сметам дека и понатаму ќе продолжат притисоците врз Катица Јанева, односно ќе се пробува на секој начин да се забави работата на Специјалното јавно обвинителство и да се прекине континуитетот во извршувањето на функцијата која што ја обавува Јанева“, вели Гаџовски.

Инаку покрај реакциите на САД и на ЕУ, амбасадорите на земјите-членки на Унијата вчера ја посетија Јанева. На објавената групна фотографија евроамбасадорот Аиво Орав, напиша дека сите амбасадори од ЕУ во Скопје изразиле силна поддршка за независноста на Специјалната обвинителката и за нејзината работа.

„Таа поддршка што доаѓа од меѓународната заедница е многу битна за Катица Јанева но е и патоказ за тоа дека треба да се остави до крај да си ја заврши работата за која што е поставена и за која што е избрана од сите политички партии кои го потпишаа Договорот од Пржино“, вели Гаџовски.

Досега околу дваесет кривични пријави стигнаа на адреса на Јанева за малтретирање при вршење на службата. По ваквиот развој на настаните први реагираа САД кои преку заменичката на постојаниот претставник земјата во ОБСЕ го повика ВМРО-ДПМНЕ јавно да ја поддржи работата на Специјалната обвинителка во текот на сите фази на нејзината работа. Од мисијата на ЕУ во ОБСЕ пак подвлекоа дека сите политички партии се согласиле за именувањето на специјалната обвинителка и дека тие сега треба да покажат конструктивна соработка со неа и нејзината екипа и да се воздржат од напади врз ова независно тело.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG