Состојбата со преговорите за решавање на проблемите со медиумите е статус кво, велат извори вклучени во работата на работната група, брифирајќи дека вчера имало поединечни консултации на посредникот Питер Ванхауте со партиските претставници. Ниту за денеска нема најава за заедничка средба, велат истите извори. Последната средба, минатата недела, заврши со крајно спротиставени ставови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, откако опозицијата го претстави својот предлог, кој за нив бил црвена линија, а владејачката партија го нарече Гаргамел решение и фрапантно лош закон.
Мој впечаток е дека битка се случува на повеќе фронтови, Специјалното јавно обвинителство е еден од тие фронтови како многу битна институција од целиот процес од Пржино.Јован Близнаковски, Институт за демократија.
Владејачката партија останува на ставот дека за нив е прифатливо кое било решение од земја членка на ЕУ, а опозицијата инсистира на нови решенија кои би произлегле од предлозите на Ванхауте од декември.
Но без разлика што медиумите останаа отворено прашање од Договорот од Пржино, а донекаде и прочистувањето на избирачкиот список за што се уште ДИК не може да процени колку време ќе треба, најсилно застапена во јавноста е специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Според професор Осман Кадриу, таквиот пристап кон Јанева е поради тоа што обвинителството има исклучително деликатна работа.
„Од другите задачи кои се обврска на Македонија да ги спроведе како што е прашањето на избирачкиот список, прашањето на медиумите, специјалното јавно обвинителство ќе биде најтешка и најделикатна работа од причина што оваа работа е директно поврзана со кривичната одговорност, а при фактот што од сите видови на одговорност кривичната е најсложена и најтешка се разбира дека сите тие лица кои се сомневаат, па и знаат дека ќе бидат под лупа на кривична одговорност од нивна страна се прават опструкции да не се реализира задачата на специјалното јавно обвинителство“, вели Кадриу.
Јован Близнаковски од Институтот за демократија, пак, смета дека има повеќе пунктови од Договорот од Пржино кој се важни за партиите споменувајќи ги меѓудругото и изборите, но дека сега и заради преговорите има затишје за некои од нив.
„Мој впечаток е дека битка се случува на повеќе фронтови, Специјалното јавно обвинителство е еден од тие фронтови како многу битна институција од целиот процес од Пржино, особено за расчистувањето на скандалот со прислушувањето и секаква активност што СЈО ќе ја спроведува во наредниот период во рамки на своите ингеренции ќе биде предмет и на опструкции но и на одбрана“, вели Близнаковски кој сугерира дека е добро партиите да се тргнат оценувања и вмешувања во работата на СЈО.
Минатата недела и заменичката на постојаниот претставник на САД во ОБСЕ Кејт Брнс побара од ВМРО-ДПМНЕ јавно да ја поддржи работата на Специјалната обвинителка во текот на сите фази на нејзината работа. По ова реагираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој побара Јанева да се дистанцирала од партиското влијание.