Достапни линкови

Јанева не коментира дали обвинителките оддавале тајни


Седница на Совет на јавни обвинители на кој зборуваше и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Седница на Совет на јавни обвинители на кој зборуваше и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Советот на Јавни обвинители ќе решава што со двете обвинителки кои беа отстранети од Специјалното јавно обвинителство. Специјалната обвинителка не сакаше да ги коментира новинарските прашања дали причина за нивно разрешување е оддавање на тајни од СЈО.

Правниот лавиринт кој настана по отстранувањето на двете обвинителки од Специјалното јавно обвинителство, Советот на Јавни обвинители ќе го решава на следната седница, соопшти претседателот на комисијата составена за овој случај, Сашо Василевски. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева соопшти дека денеска пред комисијата изјавила дека поради намалениот обем на работа го намалила и тимот. Таа не сакаше да ги коментира новинарските прашања дали причина за нивно разрешување е оддавање на тајни од СЈО.

„Не сум запознаена, си имав приватни обврски, си бев на приватни прослави и едноставно не сум во можност да ви кажам“, рече Јанева.

Новинарско прашање: Дали демантирате дека обвинителките оддавале тајни?

„Не знам што да ви демантирам, значи не сум читала ништо“, рече Јанева.

НП: Оддавале тајни или не?

Јанева: Бев на одмор два дена.

НП: Значи не оддавале тајни?

Јанева: Какви тајни, немаме ние тајни.

НП: Ве медиумите пишуваше дека причината за разрешување е дека тие оддавале тајни.

Јанева: Немаме ние тајни, ако има некоја институција што потранспарентно ве известува, кажете.

Обвинителките Лејла Кадриу и Марија Ѓорѓева бараат да бидат вратени на своите работни места. Василевски вели дека тие се уште се водат дека работат во СЈО, додека Јанева, пак, изјави дека тие повеќе не доаѓаат на работа.

Претседателот на комисијата, Василевски, изјави дека за заклучокот ќе се расправа на следната седница и дотогаш не може да открие детали.

„Законот за јавно обвинителство познава два системи на разрешување или разрешување или со отказ давање на јавното обвинителство. Во конкретниот случај Катица Јанева, мое лично мислење, многу во право ги користи одредбите во законот, каде што вели дека според намалениот обем на работа доста ми се десет обвинители кои ќе работат во мојот тим.“

Тој смета дека под итно е потребно амандманска интервенција во законот за специјалното обвинителство поради правни недостатоци.

„Замислете дека ние и во иднина ќе се соочуваме со низа на вакви проблеми, од ситуација кој на евентуална жалба од некој што ќе смета Катица Јанева или тимот дека направиле нешто, основано или неосновано, направиле некаква повреда на законот, кој ќе застапува по нивна жалба на Апелација, тоа законот не го предвидува.“

Василевски тврди дека Советот во ниту момент немал намера да се меша ниту да ја опструира работата на Јанева.

Во однос на информациите за кривичните пријави до СЈО, Јанева демантира дека било незаконски постапувано за време на истрагата околу предметите кои се во нејзина надлежност.

„Предистражната постапка е тајна и сите сведоци кои се сослушани или ќе бидат или нема да бидат сослушани, или за начинот на кој ќе бидат сослушани ќе биде предмет на оценка на судот кога ќе се отворат истражните постапки.“

Специјалната обвинителка соопшти дека денеска во Советот не станало збор за материјалите кои опозицијата ги достави до нејзиниот тим. Таа најави дека до 15 март ќе достави извештајот за нејзината работа до Собранието и Советот за јавни обвинители. Јанева потврди дека случајот Мартин Нешковски е веќе во надлежност на СЈО, а за утрешната седница на Кривичниот совет за случајот „Пуч“ таа нагласи дека ќе дискутираат за сите докази кои ги има СЈО.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG