„Во моите над 50 години разузнавачка работа, не можам да се потсетам на поразновидни предизвици и кризи од оние со кои се соочуваме денес“, изјави Џејмс Клапер во неговото годишно обраќање во сенатскиот Комитет за оружените сили за безбедносните закани спрема Соединетите држави.
Притоа тој оцени дека сајбер криминалот, спонзориран од некои држави, како и нападите од поддржувачи на насилен екстремизам, стационирани во Соединетите Држави, се најнепосредни безбедносни закани во оваа година.
„Русија и Кина продолжуваат да имаат најсофистицирани сајбер програми“, рече Клапер како уште едно предупредување во врска со намерите на администрацијата, сајбер безбедноста да ја направи приоритетна задача во последната година на Барак Обама во Белата куќа.
Во предлог буџетот за идната фискална година Обама бара 19 милијарди долари за одбрана од сајбер напади.
Русија е параноична во врска со НАТО. Москва е загрижена поради системот на ракетна заштита, што може да го неутрализира нејзиниот нуклеарен арсенал, неопходен во борбата за статус.Џејмс Клапер, директор на НСА
Според Клапер, милитантите на Исламската држава се најголемата терористичка закана во светот.
„Тие веќе се обидоа или спроведоа голем број напади надвор од Сирија и Ирак во изминатите 15 месеци. Нивната проценета сила ја надминуваа онаа на Ал Каеда. Нивните лидери се решени да удрат врз САД. Иако САД се многу потешка цел од Европа надворешни операции на ИД остануваат критичен фактор во нашата проценка на заканата за годинава“, рече директорот на американската Национална разузнавачка агенција Џејмс Клапер пред сенатскиот Комитет.
Тој исто така оцени дека Русија останува со намерата да води, како што рече, „наметлива надворешна политика“, вклучувајќи го и спречувањето на западните аспирации на Украина.
„Русија со агресивните воени акции ризикува односите со Соединетите држави да ги врати на ниво на Студената војна“, изјави тој, оценувајќи дека Русија со воените интервенции во Украина и на други места се обидува да покаже дека е супер сила која може да се изедначи со САД.
„Русија е параноична во врска со НАТО. Москва е загрижена поради системот на ракетна заштита, што може да го неутрализира нејзиниот нуклеарен арсенал, неопходен во борбата за статус“, рече Клапер, кој додаде дека во оваа година Русија ќе го зголеми притисокот врз соседните земји да и се приклучат на Евроазиската економска унија предводена од Москва.
Во оваа унија веќе членуваат поранешните советски републики Ерменија, Белорусија, Казахстан и Киргистан.
„Руската подготвеност тајно да користи воени и паравоени сили во една соседна држава и натаму предизвикува вознемиреност во државите кои се наоѓаат на периферијата на Русија“, оцени директорот на американската Национална разузнавачка агенција Џејмс Клапер.