Хајка против Јанева, избори и медиуми

Хајката против Специјалната обвинителка, партиските препукувања, обидите за решавање на медимите, избрачкиот список, посетата на германскиот политичар Рот, присутноста во јавноста на поранешниот премиер Груевски, дел од темите за кои анализираат весниците.

Меѓусебни обвинувања на двете најголеми партии, поранешниот премиер како сè уште да е премиер, ако се мери според присутноста во јавноста, избирачки список, медиуми, повлечи-потегни ситуација – вообичаена скица на политичката состојба во земјава на која граѓаните како да отрпнаа и веќе им стана обично секојдневие.

Дали отчетот на Јанева треба да биде статистички извештај?
Нова Македонија.

Во меѓувреме на сево ова, хајката против специјалната обвинителка Катица Јанева се засилува и секој ден се појавуваат вести за нови потези и против целиот тим. „Тимот на Јанева бомбардиран со кривични пријави‟, ќе наслови Утрински информирајќи дека се поднесени пет нови од физички лица за наводно „малтретирање во вршење службена должност‟. „Дали отчетот на Јанева треба да биде статистички извештај?‟, прашува Нова Македонија уште пред најавената прес-конференција за комплетната постапка што ја води, а Вечер ексклузивно објавува: „И судија од тимот на Јанева бил жртва на малтретирање‟. Дневник, пак, пренесува дека Советот на јавни обвинители наскоро ќе одлучи дали Јанева постапила законски при исклучувањето на двете обвинителки, Кадриу и Ѓорѓоска. Слободен печат со свое гледиште за постапките: „Рафалните кривични против Јанева служат за убивање на Договорот од Пржино‟.

Откако СДСМ попушти за избирачкиот список, медиумите останаа последната пречка во меѓупартиските преговори. Утрински информира дека ЗНМ бара да се прифати предлогот на Ванхауте, МАН е против. Вечер, вообичаено, против Белгијанецот: „Ванхауте сака Заев да стане главен уредник на Македонија‟. Инаку, избирачкиот список ќе се прочистува под засилено обезбедување, како што пренесува Утрински.

Во меѓувреме, високиот функционер во германската Влада, Михаел Рот „Во мисија за возниот ред на изборите‟, како што наслови истиот весник. Ако кон крајот на април се процени дека не се можни избори според европски мерила, ЕУ ќе препорача нивно поместување, ја пренесува Утрински неговата изјава. Вечер исто така информира за посетата на Рот, но во насловот вадејќи друга поента: „Политичката криза мора веднаш да се реши, не губете време‟.

СДСМ обвинува дека секојдневното патување на релацијата Пробиштип – Скопје и назад на техничкиот премиер Димитриев и обезбедувањето ги чини граѓаните по 3.000 евра, пишува Утрински, а Слободен печат објави: „Лидерот на опозицијата во Штип изнесе сериозно обвинување – Оваа власт украде повеќе од 5 милијарди народни пари!‟