Специјалното обвинителство доби пари, Јанева критики

.

Собранието со 64 гласа „за“ и еден воздржан го усвои предложениот буџет за Специјалното јавно обвинителство. Тоа ќе добие околу 4 милиони евра за плати и надоместоци, трошоци за време на постапките, средства за професионална надградба на обвинителите, за набавка на стоки и на услуги. Власта гласаше „за“, но ја критикуваше работата на Јанева.

Со дебата на жестоко ниво и навредлив вокабулар пратениците расправаа за буџетот за Cпецијалното јавно обвинителство за 2016 година. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека принципиелно владејачката партија и коалицијата ќе го подржи овој закон, но дека не се задоволни од начинот на работење на Специјалното јавно обвинителство и од, како што рекоа, самоволието и ароганцијата на Катица Јанева. Во своите реплики претставниците од опозицијата рекоа дека ова е прва институција која владејачкото мнозинство не може да ја контролира и затоа ова е уште една мала победа на опозицијата.

За жал, морам да констатирам дека од самиот почеток на работењето на Специјалното обвинителство, госпоѓата Јанева и нејзиниот тим ја пратат контроверзии и недоречености. На самиот почеток, самото Обвинителство почнаа да си ја опструираат работата. Показател за тоа е отпуштањето на двајца обвинители од нејзиниот тим.
Крсто Мукоски, ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот од НСДП Горан Мисовски, говорот на пратеникот Крсто Мукоски го спореди со оној на лидерот на владејачката партија Груевски кој кажа дека нема да помогнат ниту Катици, ниту Ванхојтовци за некој да дојде на власт.

„Навистина ми е задоволство кога после онакво владеење на судството, ве гледам клекнати на колена како плачете. Тоа е една мала победа на опозицијата. Господине Мукоски вие настапивте денес во стилот на говорот на Груевски кој вели нема да дозволам никакви Ванхојтовци и Катици да ме попречат. После Груевски, вие сте гласноговорници за она што треба да ја очекува Јанева. Како Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесува кон Јанева“, рече Мисовски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека Специјалното јавно обвинителство бара 4 милиони евра без да достави никакво образложени за што ќе се потрошат тие средства. Крсто Мукоски во својот говор побара Специјалното обвинителството да достави извештај за тоа како Катица Јанева ќе ги користи парите.

„За жал, морам да констатирам дека од самиот почеток на работењето на Специјалното обвинителство, госпоѓата Јанева и нејзиниот тим ја пратат контроверзии и недоречености. На самиот почеток, самото Обвинителство почнаа да си ја опструираат работата. Показател за тоа е отпуштањето на двајца обвинители од нејзиниот тим. Знае ли некој кои и какви материјали прими Јанева како доказен материјал?“, праша Мукоски.

Пратениците од опозицијата со впечаток дека стравот на ВМРО-ДПМНЕ од работењето на обвинителството е голем. Тие исто така истакна дека лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ да бара отчетност за трошење на парите на Јанева, а молчеле кога станувало збор за тоа колку се потрошени пари за проектот Скопје 2014 и додадоа дека буџетот за Специјалното јавно обвинителство изнесува колку што чини опашката на Букефал.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочија оти Јанева паднала на првиот испит кога побарала укинување на притворот за осомничените во „Пуч“, и бараат таа да одговори и како се примени материјалите од Заев.

Опозицијата укажа дека отчет треба да се бара од министерот за финансии кој го одобрил буџетот, но и од претходните обвинители поради чие неработење, се формирало Специјалното обвинителство. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески, рече дека Собранието 10 години не побарало отчет од постојниот Јавен обвинител Марко Зврлевски, а сега за четири месеци се бара отчет од Јанева.

„Мене ми е се јасно, после оној катастрофален говор на Груевски која е хајката, која што вие за пред четири месеци гласавте, сега ќе ја водите против Специјалното обвинителство. Груевски кажа сè ќе и биде обезбедено само да ја донесе правдата, а сеа зборува друго. Или стравот е голем?“, праша Сугарески.

Обвинителката Јанева побара сума од околу 4 милиони евра за да функционира нејзината работа оваа година и најави дека ќе ги покрене првите обвиненија за предметите за кои се прогласи за надлежна до 15 март.