Во новата година со нови опструкции за Специјалното јавно обвинителство. Собранието се уште не го донесе буџетот кој го побара специјалната обвинителка Катица Јанева. Советот на јавни обвинители во меѓувреме побара отчет од Јанева како ги преземала незаконски прислушуваните материјали од СДСМ и дали постапила согласно законот и изготвила записник. Советот требаше денеска да заседава зад затворени врати, но седницата е одложена за 27 јануари.
Пролонгирањето на работата и доближувањето на термините до изборите веројатно е со цел да се скрати временската и објективната можност за Специјалниот јавен обвинител да одговори на својата задача.Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.
Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека Јанева беше избрана како резултат на Договорот од Пржино на политичките партии, но оттогаш се гледа една тивка опструкција со цел да се пролонгира времето на донесување одлуки.
„Присутна е желбата кај одреден круг на луѓе кои што очигледно и сами знаат дека ќе бидат прозвани од Специјалниот јавен обвинител да одговараат на прашања кои не се пријатни за нив. Ова го заклучувам од содржината на разговорите од бомбите на СДСМ. Спрема тоа пролонгирањето на работата и доближувањето на термините до изборите веројатно е со цел да се скрати временската и објективната можност за Специјалниот јавен обвинител да одговори на својата задача“, вели Трпеновски.
Професор Темелко Ристески смета дека ВМРО-ДПМНЕ става сопки на работењето на Специјалното обвинителство, бидејќи не им е во интерес тоа ефикасно да работи, бидејќи на удар ќе се најдат високи членови на партијата. Според него, мора на Јанева да и се обезбеди реален и адекватен простор за работа.
„Меѓутоа за жал изгледа тоа ќе потрае со оглед на недостатокот на политичка култура и пред се на расположение таа да си ја заврши својата работа квалитетно, ефективно и ефикасно. Како што реков во интерес на ВМРО ДПМНЕ е да се одолговлекуваат нејзините работи барем до изборите за да не излезат некои работи на виделина“, вели Ристески.
Трпеновски додава дека Јанева има законска обврска да дава отчет за нејзината работа пред Советот на јавни обвинители како тело кое ја избрал.
„Може советот за јавни обвинители генерално да се интереси за работата на Јанева, меѓутоа нема никакви ингеренции за конкретно решавање на поединечни предмети или проблеми“, додава Трпеновски.
Советот на јавни обвинители откако ќе добие одговор од Јанева ќе донесе одлука дали против неа ќе отвори дисциплинска постапка за нестручно и несовесно работење.