По нешто повеќе од два месеца откако јавниот обвинител Марко Зврлевски побара измени и дополнувања на Законот за јавно обвинителска служба, со кои ќе се овозможат соодветни плати и надоместоци, а сите предложени измени да се донесат во итна постапка, тоа и се случува. Владата ги предложи измените, а тие во итна процедура се најдоа во собрание.
Брзото реагирање да се најде некое решение во редовното Јавно обвинителство е практично иницирано од формирањето на Специјалното јавно обвинителство.Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.
Од кога постои Јавното обвинителство постои и проблемот со парите, а одлуката сега да им се зголемат платите и надоместоците е директно поврзана со формирањето на Специјалното јавно обвинителство, коментира поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски.
„Брзото реагирање да се најде некое решение во редовното Јавно обвинителство е практично иницирано од формирањето на Специјалното јавно обвинителство, затоа што специјалниот јавен обвинител отиде со еден предлог буџет кој беше реален за да ги покрие потребите на сложената надлежност која му е дадена според договорот од Пржино. Човек, ако сака да ги гледа работите дека одат по некоја нормала, таков заклучок не може да се извлече. Јас сметам дека формирањето на СЈО ги вознемири некои затоа што немале слух за решавање на проблемите кои што биле истакнувани со време“, вели Трпеновски.
На 13 октомври, преку соопштение, Јавното обвинителство побара зголемување на платите и надоместоците не криејќи дека повод беше буџетот кој го побара Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, што предизвика незадоволството кај постојните обвинители од заработувачката. Но, тогаш и претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски и првиот човек на обвинителство Зврлевски негираа дека претходно биле тивки за проблемите со парите, туку напротив, лошата ситуација тврдеа дека ја истакнувале со години.
Дека одлуката за зголемување сега е мотивирана од специјалното обвинителство смета и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
„Не знам како тоа ќе влијае врз работата на специјалната јавна обвинителка, но сведоци сме дека на секој начин се трудат таа работа да ја успорат, па дури и да ја стигматизираат пред јавноста, така што, ако ништо друго, редовното обвинителство треба да и се заблагодари на Катица Јанева која може да ја користат и како поттик владата да ги исполнува барањата кои со години ги имаат“, вели Муслиу.
Инаку, со измените, сега Јавните обвинители ќе добијат повисоки плати за прекувремена работа и за работа на празници од 35 до 50 отсто. Со првичниот владин предлог закон се предвидуваше јавниот обвинител Зврлевски да биде контролор на висината на надоместоците и за обвинителите кои работат кај Јанева, но по нејзината јавна реакција, собраниската комисијата за политички систем го усвои амандманот од парламентарното мнозинство со кој и се овозможи таа да ги утврдува платите на јавните обвинители.