Економија ќе ќари од поевтинувањето на нафтата

Падот на цената на нафтата дефинитивно добро ќе влијае на економија, оти земјата е зависна од увоз на енергенси. Но падот на цената на нафтата, треба да доведе и до поевтин превоз.

Вредноста на суровата нафта во последните неколку години е намалена за две третини, достигнувајќи дeновиве цена од 28 долари за барел што претставува најниско ниво од 2003 година. Тоа врз македонската економија има позитивно влијание, односно врз трговскиот биланс на земјата, најмногу поради намалените трошоци за увоз, коментираат експертите.

Бидејќи импутот на нафтените деривати е голем во економијата, тоа влијае на намалување на цените. Инфлацијата во Република Македонија во овој период се движи околу нулата и има притисоци да влезе во зоната на дефлација. Тоа е резултат и на влијанието на цената на нафтените деривати.
Петар Гошев, поранешен гувернер на Народна банка.

Македонија е многу зависна од увозот на енергија и падот на цената на нафтата дефинитивно добро ќе влијае во земјава, вели поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, Петар Гошев.

„Бидејќи импутот на нафтените деривати е голем во економијата, тоа влијае на намалување на цените. Инфлацијата во Република Македонија во овој период се движи околу нулата и има притисоци да влезе во зоната на дефлација. Тоа е резултат и на влијанието на цената на нафтените деривати“, вели Гошев.

Тој додава дека сепак има една неповолност врз македонската економија поради падот на цената на нафтата, покрај слабата економска активност и преценетите проекции на Владата, а тоа е делумно намалените приходите на буџетот.

И економскиот аналитичар Слободан Најдовски исто така вели дека падот на цената на нафтата позитивно влијае врз економиите на државите зависнички од увоз на енергенси. Тој посочува дека со тоа ќе им бидат намалени трошоците особено на транспортните претпријатија и на индустриите коишто имаат потреба од висока потрошувачка на нафта.

„Но, за жал нашето стопанство не реагира благовремено на намалувањето на цените на нафтата и во тој поглед сметам дека ја губи конкуренцијата, посебно со земјите коишто се на ниво на нашиот економски развој. Би требало тоа најмногу да се почувствува во транспортот, но за жал еве гледаме дека и во патничкиот и во теренскиот сообраќај, нема адекватна реакција на намалувањето на цената на нафтата“, вели Најдовски.

Тој истакнува дека овој момент треба да го почувствуваат и граѓаните преку намалувањето на цените на услугите во превозот, бидејќи како што вели транспортните компании брзо реагираат кога се цените на нафтата се зголемуваат, а бавно кога тие се намалуваат.