„Gathering“ на САШО ПОПОВСКИ КВАРТЕТ

Сниман на клупските настапи во битолската Магаза во 2013 година, „Gathering“ или „Собир“, е третиот албум на САШО ПОПОВСКИ КВАРТЕТ. Носачот на звук беше публикуван на крајот на минатата година и зад него како издавач застана Комисијата за култура и уметност – Скопје.

Сашо Поповски, онака како и што доликува на вистински џез музичар, ни по трет пат не се двоумеше енергијата, инвенцијата и атмосферата што владеат на настапите со неговите музички собеседници да ги документира на носач на звук. Во случајов, „Gathering“ или „Собир“, е резултат од една несекојдневна свирачка средба на врвот што се обистинила во јули 2013 година во битолската Магаза. Тогаш еден крај друг на сцената застанале гитаристот, Александар Секуловски на тапани, Оливер Јосифовски на контрабас и трубачот Венцислав Благоев.

„Во тој период, 2012 и 2013-та година, доста настапувавме во формација трио со Оли и со Алек, додека Венци ни е еден пријател од соседна Бугарија со кој лично се познавав и го поканив специјално да дојде во Битола за да свириме заедно. Беа планирани две свирки во клубот Магаза, првата помина одлично и се одлучив наредниот концерт да го снимаме и потоа да видиме што од сето тоа ќе излезе. Материјалот е изваден од композициите што беа свирени таа вечер“, вели Поповски.

Секогаш сакам да експериментирам. Во последно време имав неколку настапи на кои свирев рокенрол, блуз...Се обидувам да ги поврзам овие различни, а од друга страна и блиски музички стилови затоа што човек кога би се ограничил само на една музика, на еден стил, мислам дека во тој момент би престанал неговиот вистински напредок. Едноставно музиката треба постојано да се истражува и преиспитува.
Сашо Поповски, музичар.

Дополнува дека снимател бил Димитар Жиров, дека миксот и постпродукцијата му припаѓаат на Тони Китановски, мастерингот е на Ален Хаџи Стефанов, а самиот се јавува како продуцент на изданието. Притоа џез-гитаристот појаснува дека најголемиот број композиции што ги свиреле бил на класиците Телониус Монк и на Џорџ Гершвин и дека станува збор за случаен избор направен во договор со гостинот од Софија – Благоев.

„Монк меѓу џез музичарите е еден од омилените композитори и секогаш е предизвик да се свират неговите класични теми. Од Гершвин ставивме една ритмичка композиција и една балада што Венци најмногу сакаше да ја и ја понудиме на публиката. Тој сметаше дека таа најмногу ќе му одговара на музицирањето и виртуозноста на овој квартет. “

Сега веќе со репертоар од три албумски објави, гитаристот има амбиции да го започне и сопствениот пробив на регионалната џез сцена. Извесно е дека летово ќе патува на еден џез фестивал во Будимпешта, а дотогаш има намери да го публикува и изданието со негов авторски материјал.

„Се надевам дека таму ќе можам убаво да го промовирам материјалот од сите мои досегашни изданија, но и оној со комплетно моја авторска музика што планирам да го сниман некаде во мај годинава во формација на трио. Се зависи од тоа како ќе се одвиваат настаните околу реализацијата на носачот на звук. Инаку, тие композиции се веќе на мојот репертоар и оние кои што ме следат на фестивалите во Македонија ја знаат мојата музика, но се чини дека сеуште не дошол моментот таа да биде документирана на вистинскиот начин. “

Како инструменталист, водач на состави и посебно како педагог, Поповски е убеден дека се веќе поставени темелите на домашната џез сцена и дека со отварањето на џез одделот при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ допрва таа треба само да се збогатува и да расне.

„Со самото отварање на џез одделот при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се отвори едно поле за едукација на младите луѓе и во иднина јас очекувам нивен засилен пробив, но и зголемување на фондот на џез изданија во земјава и не се сомневам дека полека но сигурно се движиме по нагорна линија. Верувајте, мене лично секогаш ми е задоволство и се чувствувам прекрасно кога нашите студенти настапуваат по клубовите, имаат свои објави и атакуваат на фестивалите. Тоа е еден голем плус за сите нас и како ментори и како артисти.“

Конечно, „професоро“ е познат и како изведувач кој милува успешно да плива во повеќе музички стилови.

„Секогаш сакам да експериментирам. Во последно време имав неколку настапи на кои свирев рокенрол, блуз...Се обидувам да ги поврзам овие различни, а од друга страна и блиски музички стилови затоа што човек кога би се ограничил само на една музика, на еден стил, мислам дека во тој момент би престанал неговиот вистински напредок. Едноставно музиката треба постојано да се истражува и преиспитува.“

Кон ова само уште информацијата дека досега се одржаа две концертни промоции на „Gathering“. Првата беше на 30 декември минатата година во Битола, потем следуваше онаа на 9 јануари во Охрид, а следната САШО ПОПОВСКИ КВАРТЕТ ја планираат на почетокот од февруари во Скопје.