Достапни линкови

Ришар Галијано на шестиот „Фестивал на музика од светот“


Славниот француски виртуоз на хармоника Ришар Галијано и неговите ТАНГАРИЈА КВАРТЕТ, нашите ФОЛТИН, истанбулскиот диџеј Али Дојрани и Јасмина Беличанска квартет, се учесниците на годинешното шесто по ред издание на Фестивал на музика од светот, што на неколку сцени, од 6 до 8 ноември, ќе се одржи во Битола. Станува збор за културна манифестација која трпеливо но сигурно успева да се издигне над локалното и да го анимира вниманието на публиката во регионот.

Битола и Република Македонија добиваат уште еден значаен интернационален музички фестивал. Фестивал кој со заумниот концепт, да биде репрезент на актуелностите во музиката од светот, успева да се издигне над локалноста и случување кое токму поради звучните имиња се понагласено се наметнува како аниматор на вниманието на пошироката публика од регионот.

Со одбирот што го правиме од едно до друго издание се обидуваме малку по малку да го тенчиме вкусот затоа што нам ни е јасно дека станува збор за публика која сака да слушне музика која што е дел од светската сцена, но во некоја рака и блиску до нивниот сентимент.
Оливер Јосифоски, програмски селектор на Фестивалот.

Имено, ако минатата година таков магнет беше прочуениот Рабу Абу Калил, овојпат организаторот – Центарот за култура во градот под Пелистер, се реши тоа да биде славниот француски виртуоз на хармоника и банденон Ришар Галијано.

Тој, по ланскиот преубав перформанс со неговите ТАНГАРИЈА КВАРТЕТ во предворјето на Света Софија во рамките на Охридско лето, по трет пат ќе гостува во земјава ( првично привилегија да го чујат и видат пред многу години имаа редовните посетители на Скопскиот џез фестивал).

Славниот француски виртуоз на хармоника Ришар Галијано.
Славниот француски виртуоз на хармоника Ришар Галијано.

Со тоа наново ќе имаме можност да уживаме во изведбата и авторството на човекот кој не само што успеа да го стави својот инструмент во редот на оние што се во основата на џез музиката и кој преку „новиот мизет“ како стил наново да ја заживее добро познатата француска поп традиција, туку и да ги густираме плодовите на неговата потрага во светот на класиката толку евидентни на дискографските посвети што овој несекојдневен инструменталист и трагач по звуковни возбуди ги стори посегајќи по делата на големите Бах, Вивалди и италијанскиот композитор на филмска музика Нино Рота.

Интенцијата на самиот Фестивал е да прерасне во повеќедневен настан. Ако минатата година имавме еден концепт при што целата програма беше сконцентрирана во една ноќ, оваа година имаме три фестивалски вечери со разновидна и богата програма.
Борче Димитровски, директор на Центарот за култура – Битола.

По ваквиот пожелуван почеток со маестро Галијано и неговата омилена концертна комбинација, во наредните два дена ќе следуваат настапите на ФОЛТИН, кои патем се очекува нималку да не се штедат на домашен терен и тоа во пресрет на нивниот нов дискографски проект чие објавување е планирано за првиот квартал на наредната година, и конечно оној на Јасмина Беличанска квартет во кој е бележито присуството на гитаристот и професор Сашо Поповски и други познати музичари, а кој е планирано да се одржи во еден од најубавите македонски клубови „Порта џез“.

И, ова не е се бидејќи во рамките на т.н „оф-програма“ на Фестивалот на музика од светот е најавено дека ќе се случат и неколку диџеј настапи од кои за издвојување е оној на истанбулскиот диџеј Али Дојрани, чија семејна лоза е од Македонија и кој во Турција, за сопствената издавачка етикета „Етерна мјузик“, го објави последниот албум на групата ЉУБОЈНА. Али, инаку вообичаено можете да го сретнете како гостин на настапите на тамошната ѕвезда Селим Сеслер и уште повеќе како еден од оние кои ја загреваат публиката на извиканите настани како Инстанбулскиот џез фестивал.

„Со одбирот што го правиме од едно до друго издание се обидуваме малку по малку да го тенчиме вкусот затоа што нам ни е јасно дека станува збор за публика која сака да слушне музика која што е дел од светската сцена, но во некоја рака и блиску до нивниот сентимент“, вели Оливер Јосифоски, програмски селектор на Фестивалот.

На оваа линија е и размислувањето на Борче Димитровски, директор на Центарот за култура – Битола, кој забележува дека тие како организатори ќе бидат настојчиви во идејата Фестивалот да го издигнат на едно многу повисоко рамниште.

„Интенцијата на самиот Фестивал е да прерасне во повеќедневен настан. Ако минатата година имавме еден концепт при што целата програма беше сконцентрирана во една ноќ, оваа година имаме три фестивалски вечери со разновидна и богата програма. Меѓутоа не е тоа само една од целите. Најзначајно за нас е да се презентираат високо квалитетни музички групи и артисти кои што ќе бидат дел од програмата, па поради тоа на минатото издание го имавме Рабу Абу Калил и оваа година со Ришар Галијано ние впрочем се трудиме да презентираме музичари од светска класа кој што имаат што да покажат и што да понудат и кои што секако се актуелни, а со тоа и Фестивалот да биде на мапата на фестивали кои што се значајни не само за Република Македонија како културни настани, туку и на регионално и европско ниво. “

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG