Политичката криза во фокусот на неделниот печат

Република пишува дека СДСМ го потроши кредитот до Брисел, Фокус наведува дека ако се опстои на избори во април, тоа ќе биде вовед во уште поголема криза, а Глобус се осврнува на однесувањето на Хан.

Република - СДСМ го потроши кредитот од Брисел

Република е полна со колумни и анализи чие главно мото е дека „Меѓународниот фактор ги поддржа изборите‟ и дека „СДСМ го потроши кредитот од Брисел‟. А во воведот со наслов „Обврските од Пржино без алтернатива‟ неделникот упатува порака до опозициската СДСМ: „Место вината да ја бараат во ‚предавството на стратегиските партнери‛, за опозицијата е најдобро да покаже дека искрено сака да придонесе во надминување на пречките за спроведување фер избори, кои ќе бидат признати од сите засегнати фактори‟, пишува Република. Во друг текст во неделникот предвидува дека на 24 април „Заев и другарите ќе се соочат со заминување во историјата и ќе биде неважно дали тој ќе остане на чело на СДСМ или ќе се повлече. Партијата ќе доживее таков удар од кој со години нема да може да се поврати‟.

Фокус - Избори во април, вовед во поголема криза

Фокус во воведната колумна смета дека ако се опстои на избори во април, особено без опозициските партии од македонскиот и од албанскиот блок, тоа не само што ќе биде вовед во уште поголема криза со европска запршка, туку и поплукување по Договорот од Пржино, ама и цинично исмејување на извештајот на Прибе.

„Ќе следиме зафрканции со ‚прочистување на избирачкиот список‛ ама и сериозни местенки за тимот на Катица‟, предвидува Фокус и додава: „Брзите избори при ваква фактичка состојба се неверодостоен лек за веродостојна криза‟, поентира Фокус. Од интервјуто, пак, со Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација „Мост‟, Фокус во наслов ги цитира зборовите на овој искусен и реномиран набљудувач на сите избори во земјава, а и во странство дека „Беспредметно е да зборуваме за избори без учество на СДСМ‟.

Глобус - На Хан отпосле му текнуе

„На Хан отпосле му текнуе‟ констатира Глобус во анализата на однесувањето на меѓународните посредници во разврзувањето на Гордиевиот политички јазол во земјава. „Европскиот пратеник продолжува да игра во кожата на стариот британски лик, двајца во еден, доктор Џекил и мистер Хајд‟, пишува неделникот и додава: „Само што промената на персоналноста му се случува да надвладува кон добриот лик дури кога ќе седне во авионот за назад. Како дури тогаш да престанува да му дејствува волшебната напивка на оваа наша корумпирана влада. И посетата на Груевски на Бајден му купи време на премиерот ден-два, доволно за да ја збуни светската јавност и своите навивачи. И предоволно да ни го загорчува животот и да ни прави сè понеподносливи услови за преживување на земјата‟. Потоа Глобус заклучува дека меѓународниот притисок и непристрасност беа нешта кои не се видоа на маратонската сесија во Пржино.

Во анализата за нашиот менталитет, Глобус забележува дека секој жив човек во себе и со себе го носи црното семе на деструкцијата, и во конкретни околности може да ја излее врз конкретни луѓе, обично ближни; но само Никола Груевски, како премиер на влада кој контролира војска и полиција, може да ја излее својата деструкција врз цел еден народ под формата неомакедонизам како апсолутна негација на асномскиот македонизам.