Груевски во оставка, Димитриев нов премиер

Собранието ја избра преодната Влада и новиот мандатар Емил Димитриев, изгласа распуштање кое ќе важи од 24 февруари, СДСМ нема да учествува на избори на 24 април.

Собранието на Република Македонија доцна вечерва ја избра преодната Влада со 72 гласа за и девет воздржани, на седница на која не беа присутни досегашните двајца министри на опозициската СДСМ, Оливер Спасовски и Фросина Ременски кои повторно беа предложени, а не положија заклетва.

Новоизбраниот мандатар Емил Димитриев, во обраќањето пред пратениците рече дека ќе го продолжи процесот на организација на избори и оти сите институции ќе се залагаат тие да бидат фер и слободни.

Пратениците претходно изгласаа распуштање на Собранието кое ќе важи од 24 февруари, на предлог на пратениците на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата и на ДУИ.

Во Собранието беше констатирана и оставката на премиерот Никола Груевски, кој на 14 јануари ја депонираше и за која најави дека ќе биде ефективна во зависност од денот на одржување на изборите.

Констатирам дека врз основа на Член 220 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, на претседателот на Владата и на Владата им престанува мандатот.
Трајко Вељаноски, претседател на Собранието.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески во процедурално обраќање нагласи дека за СДСМ не се прифатливи избори без слободни медиуми и без прочистен Избирачки спосок, и на такви избори нема да учествува.

По констатирањето на оставката на Груевски, пратениците од пратеничката група на СДСМ ја напуштија седницата.

Извршниот одбор на СДСМ потоа повторно излезе со соопштение дека не прифаќа избори без слободни медиуми и без прочистен избирачки список и дека на такви избори нема да учествува.

Пред вечерната седница претседателот Ѓорге Иванов му го врачи мандатот за состав на Влада на Емил Димитриев, откако Извршниот Комитет на ВМРО – ДПМНЕ донесе одлука партијата на парламентарните избори да излезе на 24 април според договореното од Пржино, на што се согласија и партиите од коалицијата „За подобра Македонија.“

Груевски по средбата изјави дека Македонија мора да оди напред, оти како што рече „граѓаните предолго се заложници на деструктивната политика на опозицијата.“

„Нашата држава тргна одлучно да се стави крај на политичката криза и да напредуваме храбро кон иднината. Ова започнува со изборите на 24 април“, изјави Груевски.

Тој рече дека предвремените избори се најдобриот излез од кризата и според него Државната изборна комисија и МВР, со кои моментно работеле СДСМ, „имаат капацитет да гарантираат фер и демократски избори.“

На ова СДСМ реагираше со соопштение наведувајќи дека одлуката на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ потврдила дека Груевски се плаши од фер и демократски избори.

Еврокомесарот Јоханес Хан во писмено соопшение по одлуката на владејачката партија да има избори на 24 април година и по констатирањето на оставката на Груевски во Собранието рече „повеќе би сакал консензуална одлука на сите партии.“

Претходно ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ исто така соопштија дека ја прифаќаат Методологијата за прочистување на Избирачкиот список на Државната изборна комисија.