Не е до датумот за избори, до политичарите е

Нема гаранции дека со поместување на датумот за избори политичарите ќе ги исполнат обврските и дека ќе се тргнат пречките за фер и регуларни избори.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска од Брисел потврди дека петти јуни во петокот во Пржино се разгледувал како нов термин за избори, нагласувајќи дека тоа ќе била голема можност, бидејќи сè ќе било добро подготвено, фер и транспарентно, според меѓународните демократски стандарди.

Реално да бевме функционална држава, односно навистина да сакаа политичките партии сето тоа ќе се реализираше во овој период, немаше да има тактики на пролонгирање за избор на ДИК, па да се преместат и сите датуми кои беа наведени во договорот од Пржино.
Башким Бакиу, политички аналитичар.

„Мојата поента е дека е важно да се има избори според нашите стандарди, со цел да се поврати кредибилитетот на земјата“, истакна Хан, додавајќи дека направил сè да обезбеди потребно набљудување од ОБСЕ ОДИХР.

Но дел домашни аналитичари се скептични дека поместувањето на терминот всушност ќе значи и исполнување на домашните обврски, како прочистувањето на избирачкиот список и договор за медиумите, нешто што е клучно за СДСМ да оди на избори.

Според професорот Никола Дујовски од досегашното однесување на партиите кон спроведувањето на договорот станувало јасно дека приказната треба да се сврти и веќе да не се разговара за датумот за избори, туку за реализацијата на условите тие да бидат фер и демократски.

„Мора прво сè да се заврши. Гаранции за тоа нема никакви, дури ни редовниот термин во 2018 година не е гаранција дека изборите ќе бидат фер и демократски. Активностите на Јанева, активностите на Државната изборна комисија и медиумите се суштински и клучни и додека тоа не се регулира воопшто не треба да стане збор за термини за избори. Гледаме дека и претходните неколку изборни циклуси биле доста дискутабилни и затоа добиваме порака од САД за веродостојни избори, од Европската комисија дека нешто не е во ред. Значи сите работи треба да се стават на страна и да одиме исклучиво на термини кои ќе ја подготват државата за фер и демократски избори“, вели Дујовски.

Менталитетот на домашните политичари, ставањето на партиските пред државните интереси и калкулациите за личните рејтинзи се причините поради кои договорот и досега не се реализираше како што треба, оценува Башким Бакиу политиколог од Институтот за истражување политики и добро владеење. И според него нема гаранции дека тоа ќе се случи до новиот термин за избори.

„Мојот впечаток е дека кризата се уште ќе продолжи се додека не се преземат конкретни и директни мерки од страна на Европската унија и Соединетите Американски Држави. Реално да бевме функционална држава, односно навистина да сакаа политичките партии сето тоа ќе се реализираше во овој период, немаше да има тактики на пролонгирање за избор на ДИК, па да се преместат и сите датуми кои беа наведени во договорот од Пржино“, вели Бакиу.

Инаку и досега се доцнеше со изборот на двајцата министри и тројцата заменици од СДСМ поради неможноста да се договори законот за влада, потоа сериозно се пречекорија и роковите за Државната изборна комисија, медиумите, анкетната комисија, а иако во последен момент од предвиденото се избра Катица Јанева за специјален јавен обвинител понатаму наидуваше на сопки во нејзината работа. Хан денеска рече дека „не секогаш партиите се држеле до датумот кога имало одреден краен рок што е договорен, но на крајот сè било имплементирано“, повикувајќи ги сите играчи во земјата да се држат до договорот од јуни и јули.