Будно ќе се следат парите за избори

Како се трошат партиските и државните пари и како партиите се преставуваат во медиумите во предизборниот и изборниот период под будното око на Транспаренси Интернешнел Македонија и Центарот за економски анализи.

Мониторинг на трошењата од буџетите и на политичките партии во предизборниот и изборниот период ќе спроведуваат Транспаренси Интернешнел Македонија и Центарот за економски анализи. Од Транспаренси интернешнел ќе го следат медиумското претставување на национално и локално ниво на политичките партии и трошењето на нивните пари.

Досега сме имале доста искуство со утврдување на нелегални трошења за партиите од страна и на централната и на локалната власт, но и на недоволно прикажување на сите извори на финансирање на политичките партии.
Слаѓана Тасева, Транспаренси Интернешнел – Македонија

​Претседателот на Транспаренси Интернешнел – Македонија Слаѓана Тасева вели дека од досегашното искуство се видело оти извештаите на политичките партии се согласно законот и тие ги потрошиле парите според предвиденото, но нивните следења покажале дека сумите се значително поголеми и често се јавуваат финансирање од непријавени извори и донации кои не се прикажани како такви.

„Досега сме имале доста искуство со утврдување на нелегални трошења за партиите од страна и на централната и на локалната власт, но и на недоволно прикажување на сите извори на финансирање на политичките партии. Нашата цел е да обезбедиме поголема транспарентност за тоа што навистина се случува во финансирањето на изборните кампања на политичките партии кои ќе учествуваат во овој изборен процес“, информира Тасева.

Директорот на Центарот за економски анализи, Марјан Николов истакнува дека ќе го следат трошењето од буџетите на централната и локалната власт, како и на јавните претпријатија во однос на тоа дали нивните трошења биле претходно предвидени и имаат законска основа.

„Фокусот ни е дали е тоа планирано во буџетот на Македонија или е ад хок решение кое што понатаму ќе води кон намалување на фискалната дисциплина и на нови задолжувања кои знаеме до каде може да не доведат“, додава Николов.

Тасева признава дека досега нивните извештаи немале ефект и оти е потребна соодветна реакција и санкција кога станува збор за кршење на законот.

„Немаше ефект од аспект на тоа дека и таму каде што ги потврдивме нерегуларностите и утврдивме дека се прекршени одредени закони и покренавме постапки пред надлежните институции, тие не покренаа постапки за гонење на сторителите на дела како што се злоупотреба на службена положба“, вели Тасева.

Проектот е финансиран од холандија, а на Транспаренси Интернешнел - Македонија и на Центарот за економски анализи ќе им помагаат осум невладини организации од осум региони во Македонија од кои секоја ќе покрива по три општини. Организациите е во план да објавуваат извештаи два пати месечно.